Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на митинг во Куманово побара поддршка од граѓаните, ветувајќи им дека, таа ќе докаже оти е од народот и за народот.

Мојот кабинет ќе го сочинуваат луѓе кои ќе имаат искуство и знаење и кои ќе бидат професионалци во својата област. Секогаш кога пред мене на маса ќе се најде Закон што по консултации со тие експерти околу мене ќе заклучиме дека го крши Уставот, нема да го потпишам, ќе ставам Вето, но ќе побарам заради граѓаните, заради Вас да го образложам пред пратениците, оти имам право на обраќање, па нека процени народот дали се моите аргументи во ред или на оние кои заради послушноста не сакаат да го разгледаат уште еднаш или да го вратат на доработка. Тогаш јас ќе докажам дека сум од народот и за народот, рече Силјановска и додаде:

„Ќе барам многупати да се обраќам до Собранието. Зошто? Оти многу проблеми се натовариле и бидејќи јас ве претставувам Вас, вашите проблеми ќе ги претставувам многупати пред пратениците, ама да може покрај нив и вие да ги слушате па да направите демократски притисок на нив“.

Кандидатот за претседател Силјановска Давкова пред кумановчани истакна дека во Собранието на Република Македонија има пратеници кои носат одлуки без дијалог, претходно договорени, наместо разумни одлуки за доброто на граѓаните.

Ние имаме едно партиско послушно комунистичко собрание, ова не е навреда за минатото туку сакам да кажам дека без опозиција, без дијалог нема делиберативна демократија оти тоа значи расправа со аргументи. Ако 81 човек таму само чека да притисне на копчето бидејќи претходно веќе е донесена одлука тогаш тоа не е парламент, вели таа.

Силјановска Давкова посочи дека во меѓународното право јасно стои дека со меѓународен договор не може да се прекрши Уставот на ниту една држава, алудирајќи на Преспанскиот договор кој го склучи владата на СДСМ и Заев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.