На четвртиот ден од предизборната кампања за претседателските избори, кандидатот Гордана Силјановска Давкова и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржаа митинзи во Виница и Кочани.

Обраќајќи им се на граѓаните на Виница, Силјановска рече дека во земјава недостига демократија затоа што се спроведува волјата и интересите на тесна група луѓе од власта, која воопшто не води сметка за проблемите на граѓаните.

-На гласачките кутии се решаваат проблемите, а не низ интригите и со кршење на правата што се случуваат секојдневно. Суспендиран е Парламентот, а во него е суспендирана опозицијата, немаме поделба на власта, имаме послушна и неквалификувана администрација. Демократијата допрва треба да се гради во оваа земја. Голема опасност е ако во една ваква недемократска држава сите три власти се најдат во едно место, во исти раце. Тоа може да бие во рацете на само неколкумина или дури можеби и на еден човек. Без поделба на власта, без спреги и кочници не може да има демократија. Затоа е најдобро претседателот да го избирате вие, граѓаните, а не тие во Собранието. Ако ме изберете мене, го давам мојот збор дека нема да трчам по привилегии затоа што во сиромашна држава претседателот треба да сочувствува и да ги разбира граѓаните – истакна Силјановска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.