Одржувањето на трибината: Моќни жени во политиката, родова еднаквост, предизвици и можности за Македонија во Парк жена борец, со Рашела Мизрахи, Нела Ташковска, Велика Стојкова Серафимовска го објави Гордана Силјановска Давкова, носителот на листа во изборната единица 1 на ВМРО-ДПМНЕ, на својот Фејсбук.
Во нејзиниот статус стои:
Јас сум обична жена. Минатата година кога ја отпочнавме кампањата ми велеа да се појавам на пазар. Да ме видат гласачите како сум блиска со нив. Нема потреба – им велев, јас сите пазарџии си ги знам, пазарувам за семејството.
Бидејќи сум една од вас, многу добро знам дека патот на жените е потрнлив, работата е потешка за да се постигне истиот успех. Тоа не прави посилни, но и не обврзува нас кои се одважуваме да влеземе во политиката, да ги промениме законите, институциите и да влијаеме на промена на ставовите за да идните генерации, нашите ќерки и внуки со ист труд да постигнат ист успех како машките членови на нашите семејства, на нашата заедница.
Светот може да се види и со машки и со женски очи, но најбитно е заедништвото. Се обврзуваме со Обновата да направиме промена, да промовираме заедништво во раководењето 40% жени во Владата и на назначени позиции.
Да промовираме еднакви улоги на мажите и жените во семејството и во општеството, да разбиеме стереотипи и се бориме со сексизам кој им оневозможува на жените да успеат на позиции кои традиционално се гледаат како машки: инженерки, кодерки, управувачки со енергија итн. На тој начин ќе влијаеме и на намалување на јазот во платите меѓу мажите и жените и ќе влијаеме иднината на работата да биде и женска.
Ова не значи дека ќе ги заборавиме текстилните работнички, за чии права лично ќе марширам прва секогаш!
Но, најбитно Обновата сфаќа и промовира демократија во која мажите ќе ги застапуваат правата на жените и обратно жените на мажите, тргнувајќи не од полот туку од срцето; од умот дека само еднакви општества имаат развој и иднина, вклучително одразена и во деца и пород!
Започнуваме нова ера. Камбаните за жените овој пат чукаат, да си ја земеме судбината во свои раце и во родов дијалог со мажите да ја направиме Македонија поеднаква, попросперитетна!- напиша Силјановска Давкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.