И покрај огромната победа што ја имавме на локалните избори, историски највисока во број на освоени градоначалници во ваков модел, сепак мора да покажуваме скромност и определба да ја заздравиме поделеноста која го кочи нашиот прогрес, рече старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во победничкото обраќае пред делегатите во салата „Јане Сандански“.

До тие кои не гласаат за нас, и чија поддршка морам допрва да ја заслужам, сакам да им упатам јасна порака, можеби не го добивме вашиот глас на локалните избори, но го слушам вашиот глас, потребна ми е и вашата помош, јас и сите ние безрезервно ќе работиме за вас. До сите оние што ги чекаат моите пораки од различни страни, домови, канцеларии, тука и надвор, и до најдалечните места од нашата земја и меѓу нашата дијаспора, нашите приказни се лични, одвоени, но нашата судбина е споделена, заедничка, нова ера на македонско лидерство доаѓа, нова генерација со заеднички вредности и стравови, но и силна неприкосновена волја за промени, порача Мицкоски.

Тој им се обрати и на оние кои мислат дека Македонија нема да успее и им порача – ќе ве поразиме!

И, ако видовте, во целиот мој говор не ги искоментирав Заев и СДСМ никаде. Тоа е затоа што се надевам дека ќе се променат и дека ќе сфатат дека на народот му е доста од поделби и конфликти, туку потребни се напредок и работа. 

До тие кои бараат и трагаат по спокој, напредок, повисок стандард, подобри нормални услови за живот, развој – ние ве поддржуваме, рече Мицкоски и им се обрати и ина овие кои се прашуваат дали македонскиот оган гори сè уште силно.

Ние, сите заедно ќе докажеме повторно, дека силината на нашата држава не доаѓа од тоа колку сме големи или воено моќни, туку од истрајна моќ на идеалите во кои веруваме – заедништво, демократија, слобода, шанса за сите, правда, развој… и конечно, од нашата верба! Тоа е суштината на она за кое се борам и ќе се борам – Македонија може да се промени! Политичарите можат и мора да се променат. Она што почнуваме и допрва планираме да го правиме на локално и подоцна по идната победа на парламентарните избори, во новата влада, ќе се почувствува дека сево ова е можно и не се само празни зборови, заврши тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.