Изостанувањето на започнување на преговорите со Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ, бидејќи земјата направи се што е неопходно за да го отвори преговарачкиот процес, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на заедничката прес-конференција во Скопје со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Ние бевме незадоволни и фрустрирани од заклучоците во Брисел во врска со проширувањето и сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Ако сакавме да бидеме чесни ќе требаше да кажеме уште во оваа година Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите. Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите, подвлече Сијарто.
Тој оцени дека изостанувањето на почетокот на преговорите е нарушување на кредибилитетот на ЕУ, бидејки од една страна ЕУ признава дека Македонците направија голем напредок, а од друга страна не ги започнува преговорите. – И заради тоа, оваа состојба ја сметаме за штетна, опасна и спротивна на принципите на ЕУ и по прашањата за безбедноста и по прашањата на економскиот развој, истакна Сијарто.
Географската позиција на Западен Балкан, оцени тој, изгледа влијае на тоа се потешко да можеме да ги разбираме процесите што се случуваат во регионот и имаме чувство дека политиката на ЕУ која ја води кон Западен Балкан станува се понеефикасна.
– Унгарија бара преговорите со С Македонија и Албанија веднаш да започнат. ЕУ сега е пред историски предизвици и затоа би ни требало еден позитивен успех и сметаме дека проширувањето би значело успех за ЕУ и затоа Унгарија ќе прави се што е можно побрзо да започне проширувањето кон Западен Балкан, рече шефот на унгарската дипломатија.
Сијарто додаде дека Македонија има многу важна улога во запирањето на миграциските текови, бидејќи се наоѓа на главната патека на миграција, и најави дека во почетокот на јануари 30 унгарски полицајци ќе дојдат како поддршка на македонските колеги во обезбедување на границата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.