Надлежностите на институциите остануваат, но нивната координација е клучна за да биде поголем ефектот во борбата против криминалот и корупцијата. Вака лидерот на СДСМЗоран Заев ја образложи новата функција во идната влада – вицепремиер за борба против корупција, на која ќе биде назначен генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски.
Сега, рече Заев, оваа функција е замисла, но секако, ќе биде структурирана согласно одлука на владата со посебен опис и попис на надлежности.
За конкретно да ја објасни оваа позиција, Заев направи паралела со вицепремиерот за еконосмки прашања кој, како што рече, има координативна улога, обединувајќи повеќе ресори.
Секоја институција си ја задржува надлежноста, но ако сакаме резултат мора успешно да се координираат процесите, истакна Заев.
Говорејќи за Николовски, Заев нагласи дека се работи за млад човек, правник, кој бил и министер и кој може да се постави во делот на превенција, укажување, етички кодекси и координирање институции, како се финансиска полиција, УЈП, инспекторати и МВР.
Ако некој го координира нивното работење, ефикасноста ќе биде поголема. Тоа е и целта. Јавноста сака резултати и затоа исчекоруваме со вакво решение. Заради координативната улога сметаме дека ќе имаме уште поуспешна борба против криминалот и корупцијата, потенцира Заев.
Во однос на кадровските решенија за надворешни работи, сега, во време на отворање на поглавјата, според Заев, треба заеднички да се работи, но големата одговорност треба да ја понесе СДСМ и затоа Никола Димитров ќе биде вицепремиер за европски прашања, а Бујар Османи ќе раководи со МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.