Инаетот на Зоран Заев му одзеде месеци на СДСМ во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ околу усогласувањето на Законот за јавно обвинителство кој треба да го реши статусот и на Специјалното јавно обвинителство.
Министерката за правда Рената Дескоска Треневска во интервју за емицијата Фактор магазин јавно се откажа од Катица Јанева за шефица на СЈО.
Не инсистираме Катица Јанева да биде главен специјален јавен обвинител. Сакам да потенцирам дека во досегашните преговори со ВМРО-ДПМНЕ воопшто не ја ни спомнуваме Катица Јанева. Нам не ни е во интерес да разговараме кој ќе биде специјалне јавен обвинител. Тоа не било никогаш предмет на дебата и не нѐ интересира. Законот содржи принципиелни решенија: кои се условите за избор на специјален јавен обвинител, кои се услоивте за озбор на јавен обвинител, која е постапката и кој ќе ги бира. Значи, воопшто не зборуваме за имиња и не сме оптоварени дали ќе биде Катица или ќе биде Фатиме или Ленче или некој сосема друг. Ние немаме право ниту да прифаќаме ниту да не прифаќаме кој ќе биде, затоа што според нашиот предлог специјалниот јавен обвинител го избира Советот на јавни обвинители, тело коешто е надвор од извршната власт, вели министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска во интервју за фактор магазин на ТВ 24.
Дескоска сега вели дека според сегашниот предлог специјален обвинител ќе го бира Советот на јавни обвинители а не Заев или друг политичар што е драматично отстапување од позицијата на СДСМ во преговорите со и ВМРО-ДПМНЕ за Законот за СЈО.
Во повеќе наврати, во март годинава премиерот Зоран Заев настојуваше специјалното јавно обвинителство да остане под диригентската палка на Катица Јанева, па дури ја нарекуваше и симбол на вратената надеж во правната држава.
Апсолутно не. Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Македонија, вели Заев во интервју за МИА на прашањето дали е подготвен да ја жртвува Катица Јанева..
Премиерот Зоран Заев во интервјуто изјави додава дека е подготвен на флексибилност во однос на барањата на опозицијата за позицијата на СЈО, но не сака смена на главната обвинителка Катица Јанева.
Јас сум флексибилен човек кој знае дека двете страни треба да имаат разбирање една за друга, но тоа да не биде на штета на државата, на институциите на системот. Подготвен сум да разговарам со опозицијата за секое аргументирано прашање. Драго ми е што почнаа разговорите, знам дека до крајот на оваа недела веќе ќе има конкретни писмени материјали околу некои предлози, верувам дека е можно навремено да го донесеме Законот за јавно обвинителство, каде е инкорпорирано СЈО како создаден капацитет. Уште еднаш напоменувам, тоа јавно обвинителство веќе, како што е поставено и во новиот закон, ќе ја гони власта, сегашната власт. Тоа јавно обвинителство е капацитет кон кој ќе тежнеат и другите обвинителства, и материјален и финансиски и со опрема. Да дадеме шанса на еден ваков закон, и сите сме тука во државата со доверба кон институциите, да продолжиме да ги градиме реформите, рече Заев за МИА, непосредно по почетокот на преговорите меѓу експертските тимови на Министертвото за правда, предводен од министерката Рената Дескоска и на ВМРО-ДПМНЕ на чело со адвокатот Тони Менкиноски.
Дескоска во интервјуто не открива зошто Јанева веќе не и е толку важна на СДСМ како шефица на СЈО, но промената на позицијата на владејачката партија отвора сомнеж дека шпекулациите во јавноста кои ја поврзуваат Јанева со рекетарската група на Коки и Кики довеле до тоа Заев и СДСМ да ги мијат рацете од неа.
Од друга страна, Катица Јанева беше завршена приказна за ВМРО-ДПМНЕ уште во март пред да започнат преговорите за Законот за јавното обвинителство.
Проектот Катица Јанева е завршена приказна затоа што СЈО не ги исполни очекувањата за тоа што беше формирано и целосно ги разочара граѓаните, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Показател за лошата работа на СЈО смета дека се и анкетите. На средбата која ја имал со специјалната обвинителка Катица Јанева таа не го убедила во нејзините квалитети.
Можам да кажам дека СЈО не само што не ги оправда очекувањата кога беше формирано, туку напротив целосно ги разочара и тоа е јасно видливо и на анкетите и оние мерења на мислења на граѓаните какви мислење имаат тие за СЈО, чија алатка, во чии раце е СЈО и така натаму. Не само што не успеа да ме убеди во нејзините капацитети како човек и нејзината стручност е на ниско и дискутабилно ниво и ја пропушти својата шанса да биде Специјален јавен обвинител кој ќе биде заштитник на правото и правдината. Таа се претстави во едно лошо светло и не ј а заслужува поддршката ниту таа ниту тој тим, нагласи Мицкоски уште во март.
Ќе останам до крај на чело на СЈО, не затоа што сакам, туку бидејќи сметам дека тоа го заслужувам, смета самата Катица Јанева. За неа барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за нејзино разрешување од челната позиција во СЈО е политичка, која не држи вода, ниту е на место и нема основа.
Мене не може да ме сменат, затоа што во законот нема персонални решенија. Се знае што се пишува во закон, ако сме писмени во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон, рече Јанева и додаде дека ако нејзиното место оди на реизбор, таа повторно ќе конкурира.
Според актуелниот Закон за СЈО, мандатот на Јанева ѝ истекува во септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.