Зголемениот водостој на реката Брегалница во штипскиот регион ги алмираше институциите. Тие се подготвуваат да заштитат одредени делови од реката, а вечерва во 21:30 часот е закажан состанок на Кризниот штаб, кој го свика градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Тој за МИА вели дека водостојот на Брегалница, која поминува низ градот Штип е зголемен и тоа кај населбите „8 Ноември“ и „Ново Село“, а надлежните од ЈП „Исар“ стравуваат да не дојде до зголемување на водостојот и излевање на реката, со што би дошло до поплавување на бунарите, од коишто Штип се снабдува со вода за пиење.
Се очекува по состанокот на Кризниот штаб, градоначалникот Јорданов да даде изјава за медиумите и да информира за состојбата на терен, како и за тоа што ќе биде преземено од страна на надлежните институции.
Киро Маџунаров, кој речиси три децении секој ден го мери водостојот на реката Брегалница, кај штипско Ново Село, а исто така и врнежи од дожд и снег, вели дека попладнево измерениот водостој на реката бил над два метри. Посочи дека загрижува зголемувањето на водостојот, но низ годините и неговите податоци покажуваат дека критично ниво и алармантно за штипскиот регион е кога нивото на водата ќе достигне над два и пол метри, по што доаѓа до излевање на водата од коритото. Забележува дека невообичаено е за овој период од годината да има поголеми, пообилни врнежи од дожд, со што доаѓа и до зголемување на водостојот на Брегалница, но и на нејзините притоки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.