Припадници на Ренџерскиот баталјон на Армијата на Република Македонија на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје ги извежбуваа своите редовните физички подготовки.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека новите 6.800 комплети горна и долна тренерка, атлетски патики и спортски торби се дополнување на минатогодишната пратка со која беа опремени 1.200 наши припадници претежно од Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, од касарна Илинден и од Генералштабот.

Веќе по 30 години никој не зборува дали некој има или нема униформа или чизми. Обезбедивме и дополнителна униформа за сите припадници, со што Армијата целосно ги исполнува сите и НАТО и национални стандарди да биде Армија што е почитувана, горда на својата фиункција и ценета од својата државав – изјави Шекеринска.

Таа додаде дека во мај нашите армиски специјалци добија и современа алпинистичка опрема која ќе се користи меѓу другото и за спасување на цивили на непристапни терени, дека Армијата доби нова АБХО опрема, нова градежна механизација за Инженерскиот баталјон, а од идната година ќе почне етапно да ги добива и новите современи оклопни возила.

Полковник Харалампие Трајков, претседател на Комисијата за физички проверки истакна дека со квалитетна спортска опрема се подобрува физичката подготвеност на целокупниот персонал, а се постигнуваат и подобри резултати во текот на спортските натпревари.

Се подобрува моралот и мотивацијата на персоналот за спорт и рекреација. Тоа целосно допринесува да се подобри борбената готовност на целокупниот состав на Армијата. Сега со целосно комплетирање на целокупниот состав со спортска опрема се дава нова димензија во опремувањето во тој сегмент – истакна полковник Трајков.

Според него, ова ќе придонесе и до афирмација на Армијата, при учество на сите спортски натпревари, како на домашно ниво, така и на меѓународно ниво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.