Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги посети припадниците на Армијата, кои на Кокино беа ангажирани во справувањето со пожарот и упати благодарност до нив, како и до сите припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и доброволците луѓето од општина Куманово.

Само заедно можеме да се справиме со ова сериозно загрозување и на животот и на здравјето на нашите граѓани и на убавата природа – изјави Шекеринска.

Таа најави дека со одлуката на Претседателот на државата и врховен командант повеќе од 1000 припадници на Армијата се подготвени да се вклучат таму каде што треба. Потсети дека припадниците на Армијата веќе се присутни на 13 локации за да помогнат во напорите за справување со пожарите од воздух, но и многу сериозно да помогнат на терен каде се води главната битка.

Навистина ми е драго што некои мои колеги во раните утрински часови многу броз реагираа позитивно и после првични најави за помош од Србија и Бугарија, одговор добивме и од страна на Словенија, а се очекува и од страна на други земји од нашето соседсто, што покажува дека како соседи можеме да си помогнеме – изјави Шекеринска.

Според неа, ова покажува исто така голема солидарност и од страна на нашите соседи и од страна на нашите сојузници.

Ова е зло и оваа огнена стихија, за жал го обедини целиот Балкан, па и поширокиот регион – изјави Шекеринска.

Таа информира дека Владата неколку дена ќе забрани движење во овие предели, но исто така, како што рече, треба да ги подобриме и нашите системи за заштита и спасување.

Армијата и овој пат покажа дека не си ја бира задачата, буквално е таму каде што е најтешко , таму каде што ризикот е голем се вклучува и помага – изјави Шекеринска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.