Министерката за одбрана и поранешната потпретседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 изјави дека не дозволува нејзината сенка да ѝ влијае на Сања Лукаревска во работата и оти не треба некој да ја замени во СДСМ.

Сања Лукаревска треба да биде добар заменик-претседател на СДСМ, на начин кој одговара на нејзиниот профил, знаење и искуство. Ѝ посакувам добро и не дозволувам мојата сенка да ѝ влијае во работата. Сите ние имаме право на добар почеток – смета Шекеринска.

Коментирајќи ја сопствената одлука за напуштање на партиските функции во владеачката партија, таа прво сакала да соопшти во јавноста, за да сите бидат на чисто, дека ова не е обид за игра од нејзина страна.

Кога ќе погледнам назад во претходните 8 сдсмовски години, можам да видам дека сум имала 2 големи цели и тие сме ги извршиле. Го срушивме режимот, а во вториот мандат е членството во НАТО. Мојата политичка задача во партијата е заокружена – вели Шекеринска.

Вели дека ги мери зборовите кои ги кажува во јавност, и сака зборот да и тежи.

Одговорајќи на прашање што точно мислела кога им порача на сопартијците дека не треба да дозволат да ги замолчат, таа рече дека секогаш е за тоа дека треба да се дебатира отворено и прво да се кажуваат болните работи, за да се решаваат проблемите.

Можеби дискусијата што и ние ја водевме на конгресот, беше вовед во тој мој коментар. Главниот тест за секоја демократска држава се демократски партии. Прашањато е дали во тимот, во партијата и во државата, ќе говориме отворено или ќе молчиме организирано. Оваа држава падна кога сите почнаа да молчат, кога новинарите почнаа да се плашат…Кога зборуваме во рамки на партијата јас барам лојалност кон тимот и давам лојалност. Првата задача на лојален член е да ми ја каже вистината, каква и да е. Јас го зборувам тоа што го мислам и очекувам сите кои работат со мене прво да ми го кажат она што боли. Мојата сугестија е дека за сите теми кои болат мора да се дискутира. Прва задача е СДСМ да не им дава повторно простор на политичките кујни да доминираат. За сите теми кои болат, мора да се дискутира отворено. Ние донесовме ново време во земјава. Нема да дозволиме да се врати тоа време од режимот. Заев никогаш нема да стане како Груевски. Пред четири години обезбедивме слобода, а без слобода, нема правда – рече Шекеринска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.