Министерката за одбрана на Македонија Радмила Шекеринска, ја искористи посетата на Брисел да оствари средба со ЕУ претставници, при што истакна дека за Македонија време е Бугарија да покаже желба за решение, јави дописничката на МИА од Брисел.
Министерката за МИА изјави дека е јасно за сите соговорници во ЕУ дека Македонија ги исполнила сите критериуми и услови. Според неа, видлива е мобилизација од страна на Унијата да се затвори билатералното прашање со Бугарија кое го попречува процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.
Постои не само свесност, постои одредена мобилизација и од страна на ЕУ дека прашањето предолго време се држи отворено. Меѓутоа, знаете како, толку пати сме се опекле, толку пати тоа не било доволно што јас не сакам да нагаѓам. И не сакам да давам проценки. Но она што е јасно е дека аргументите, реформите, нашите позиции дефинитивно ставаат плус на нашата страна. И тоа јасно се чита од сите изјави на сите европски претставници. Она што го повторив јас на средбата е дека ова не може и не смее да биде процес којшто ќе се одолговлекува бесконечно – рече Шекеринска за МИА.
Таа потсети и дека имплементацијата на самиот Преспански договор, којшто ЕУ го смета за свој успех, зависи од напредокот на Македонија кон ЕУ.
Имплементацијата на Преспанскиот договор е врзана со брзината на нашето приближување кон ЕУ. И дека со вакво однесување, практично се загрозува и договорот којшто ЕУ го кажува како свој успех. Кога ќе одите на состанок во оваа институција поминувате покрај различни фотографии важни за историјата на Европската Унија, една од тие фотографии е фотографијата на нашиот премиер и грчкиот премиер, Заев и Ципрас, заедно со европските претставници. Тоа е еден од успесите на Унијата. Унијата не смее да си дозволи да си го загрози сопствениот успех – нагласува министерката за одбрана по средбата со генералниот директор на Европската Комисија, Стефано Санино.
Шекеринска од него ја добила истата порака што ја пренесе и претседателката на Европската Комисија при посетата на Македонија.
Република Македонија испорача резултат којшто е видлив за секој објективен набљудувач и дека тоа е многу јасно кажано и во европскиот извештај кој за првпат содржи многу позитивни коментари во буквално најтешките области. Областите коишто се однесуваат на темелните права, на борбата против корупција, борба против организиран криминал и функционирање на институциите. Како што кажа и претседателката, така кажа и господинот Санино, вие испорачавте, знаеме дека сега е наша задача да испорачаме – изјави Шекеринска од Брисел.
Запрашана дали Македонија е подготвена на отстапки кон Бугарија за да се затвори прашањето, министерката рече дека на потег е Софија.
Многу е лошо да влегуваме во лицитирање со таканаречени отстапки ако од Бугарија не гледате поместување. Мислам дека не треба така лесно да си ги дефинираме ниту просторот за маневар, ниту просторот за преговори, особено затоа што од бугарска страна не видовме желба. Таа додаде дека „единственото што се слуша од Софија овие денови е дека треба да имаат избори“.
Тие треба да имаат избори цела година а процесот за жал не мрдна од точката од која беше. Не треба да бидеме наивни, не треба ние сѐ да дефинираме во нашите позиции. Позициите сме ги објаснувале повеќе пати оваа година. Мора и од страна на Бугарија да видиме реална желба да се поместат работите од мртва точка. Во спротивно што и да сториме ќе биде само загрозување на нашата преговарачка позиција – истакна Шекеринска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.