Министерката за одбрана, Радила Шекеринска, денеска и утре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет на ниво – министри за одбрана преку заштитена видео-конференциска врска.

Шекеринска заедно со министрите за одбрана на 29-те сојузници во Алијансата ќе разговараат за клучните активности на Алијансата и глобалните предизвици. Воедно, министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ќе ги почнат и подготовките за Самитот на НАТО кој се планира да се одржи до крајот на годинава – соопштија од Министерството за одбрана.

Оттаму најавуваат дека теми на состаноците денеска и утре ќе бидат НАТО 2030 и амбициозната агенда за зацврстување на трансатлантската безбедност и одбрана; развојот на технологиите и иновациите и реафирмирање на глобалниот пристап кон глобалните предизвици, како  и финансирањето на одбраната во сите земји-членки, со фокус на зацртаното ниво за извојување на два проценти од бруто домашниот производ за одбраната и минимум 20 проценти од средствата за опремување и модернизација.

На утрешниот состанок, министрите за одбрана ќе разговараат и за мисиите на Алијансата во Авганистан и Ирак, како дел од заедничкиот придонес кон глобалната борба против тероризмот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.