Mинистерката за одбрана, Радмила Шекеринска, најави дека најголемиот дел од македонските војници во Авганистан ќе бидат повлечени до јули.
Како што објасни Шекеринска, тоа се прави со многу внимателно организирана воена операција којашто ќе има една единствена цел, а тоа е сигурноста на сите припадници на НАТО-мисијата.
Шекеринска укажа дека на претходниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, земјите членки дискутирале за најдолгата НАТО-мисија, мисијата во Авганистан во која учествува и Македонија во изминатите 20 години.
Со консензус беше донесена одлука да ја завршиме таа мисија, како што сме влегле заедно во Авганистан во таа операција, како што заедно ја менувавме целта, природата на ангажманот така и заедно да заминеме. Поради безбедноста на сите трупи договорено беше дека оперативни детали нема да се објавуваат, меѓутоа навистина нашите трупи се таму уште, јас би рекла, навистина кусо време и очекуваме најголемиот дел од силите да бидат повлечени до јули месец. Се разбира дека сето тоа се прави со многу внимателно организирана воена операција која што ќе има една единствена цел, а тоа е сигурноста на сите припадници на НАТО-мисијата – изјави Шекеринска по прес-конференцијата во Скопје по повод доделувањето на користење просторот во Домот на Армијата на Катедрата за танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Шекеринска изрази задоволство што пред три дена ги пречекала првите припадници на македонската мисија во Авганистан иако тоа не беа војници, туку практично беа доктори и медицински сестри.
Хируршкиот тим којшто беше дел од Норвешката болница веќе се врати, сите здрави, сите живи за среќа задоволни од својот ангажман и искуството кое што го стекнаа и особено пофалени од своите норвешки колеги, така што ова беше прва наша нетипично војничка мисија од членството во НАТО и затоа беше важен тест. Јас очекувам сите наши припадници, офицери и војници да се вратат дома – изјави Шекеринска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.