Министерката за одбрана Радмила Шекеринска направи паралела меѓу насилството во Вашингтон и настаните од 27 април 2017 година во Скопје.
„Не ми се веруваше додека ги гледав снимките на насилство и хаос од Вашингтон. Како што на 27 април 2017 не ми се веруваше дека тоа е возможно да ни се случи и во нашиот највисок законодавен дом. Се покажа дека демократијата може да биде сериозно загрозена кога политичката моќ е во рацете на луѓе за кои функцијата е поважна од државата. И кои стимулираат поделби, омраза и насилство само за да ја задржат.
Кога тоа се случи кај нас, тоа беше шок. Кога се случува во една стара демократија после стотина мирни транзиции на власт, тоа е предупредување: дека непријателите на демократијата не смееме да ги потцениме и дека тие се хранат од поделби, лаги и полувистини, манипулации и огромни дози на стимулирана омраза. Ова е лекција за цел свет.
Но, ако сме искрени ќе си ги признаеме и разликите со 27 април кои не се во наша полза.
1. Полицијата не успеа да го спречи упадот, но не дозволи ниту еден член на Конгресот да биде нападнат ниту повреден. Немаше скршени глави и пролиена крв на претставниците на граѓаните и затоа граѓанската волја се исполни со успешен трансфер на власта.
2. Огромно мнозинство на Републиканската партија гласно и јасно се спротивстави на насилството и упадот. Немаше ‘ама’, немаше смешни оправдувања, немаше гушкање со ‘спонтано собраниот народ’… Поранешниот претседател Буш, Републиканец, беше меѓу првите кој повика на разум, потврда на изборот на Бајден и го осуди насилството. Неговиот потпретседател, Чејни, една од најмоќните републикански фигури, ги мобилизираше сите досегашни министри за одбрана да потпишат писмо со кое повикуваат на разум и се спротивставуваат на можна злоупотреба на армиските сили. Дури и ќерката на Трамп одлучи да го избрише својот твит по обидот да ги прогласи насилниците за ‘патриоти’.
3. Актуелниот потпретседател Пенс, и покрај големите притисоци и повици од Трамп, остана цврст и по неколку часа го обезбеди трансферот на власт. Не избега, не одоговлекуваше, не бараше смешни ‘гаранции’. Ја почитуваше волјата на граѓаните. И не само тоа. И покрај партиската и лична лојалност кон Трамп, на крајот јасно порача: ‘Вие кои донесовте безредие и насилство во нашиот Капитол, вие не победивте. Насилството никогаш не победува. Слободата победува. Ова сè уште е дом на граѓаните. И како што повторно се собравме овде, светот ќе биде уште еднаш сведок на отпорноста и силата на нашата демократија’.
И, уште нешто. Ако ги следите американските медиуми, ќе видите дека најголемиот дел новинари и аналитичари воопшто не се колеба да го користи вистинскиот збор ‘терористи’ за оние кои со насилство сакаа да предизвикаат политички пресврт, спротивно на волјата на граѓаните.
Американската демократија преживеа. Како што преживеа и македонската пред помалку од 4 години. Треба да бидеме горди што преживеавме и се опоравивме од траумата.
Но, некои луѓе треба сè уште да се срамат што дури ни насилството не ги освести и што дури и денес немаат сила ниту доблест да го осудат и да се оградат. Немаше меѓу нив ниту еден Пенс, ниту Буш.
Америка само нè потсети на тоа!“, објави Шекеринска на Фејсбук.
Не ми се веруваше додека ги гледав снимките на насилство и хаос од Вашингтон. Како што на 27 април 2017 не ми се…
Posted by Radmila Sekerinska on Thursday, 7 January 2021
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.