Mинистерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека предлогот на министерот за надворешни работи на Поругалија, Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување Оловер Вархеји покажува дека ЕУ презема засилен, видлив и конкретен ангажман околу Република Македонија за деблокирање на нејзината евоинтеграција.

Шекеринска во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, изјави дека можат да се препознаат две добри работи – дека ЕУ активно се ангажира и дека ќе се почитува принципот идентитетските прашања да не се дел од преговарачката рамка.

Според неа, позитивно е што работите се придвижуваат, затоа што би било лошо да има статус кво и на тоа да се навикнеме и ние и ЕУ. Таа изјави дека и покрај ниските очекувања, се покажало дека португалското претседателство со ЕУ, сепак, е фокусирано на Балканот и на проширувањето.

Шекеринска посочи дека поддршката за старт на преговорите ја покажува и тоа што мнозинство од 26 земји во ЕУ се за отворање на преговарачкиот процес со Македонија, а од друга страна само Бугарија е против.

ЕУ покажува и дека останува доследна на принципот дека на идентитетските прашања не им е местото во преговарачката рамка и во процесот на преговори. Тоа е принцип што треба да не радува – изјави  Шекеринска.

За реакциите во Софија, Шекеринска изјави дека од она што можела да го проследи од медиумските извештаи, е дека Бугарија не е задоволна од предлогот на Силва и Вархеји.

Очигледно е дека во Бугарија не се многу среќни со предлогот. Мислам дека и затоа го пуштија во јавноста, да му ги сосечат нозете – изјави Шекеринска.

Според неа, работите се уште се далеку од завршени, но радува што ЕУ се ангажира да се дојде до решение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.