Како Влада мораме да се грижиме за безбедноста на луѓето во сајбер просторот и да воведеме нови заштитни и безбедносни мерки, не само за владините системи, туку и за целата инфраструктура која е од суштинско значење за благосостојбата на граѓаните, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

Тој во своето обраќање на 17-та конференција „Демократијата во дигиталната ера: предизвици и можности“, што се одржа во организација на фондацијата Метаморфозис посочи дека слободата на изразување, слободата на медиумите и заштитата на медиумскиот плурализам се најзначајни за демократијата.

Но, од друга страна, како што рече, се случуваат големи предизвици, како што е ширењето на лажни вести. Затоа, според министерот, критичкото размислување и медиумската писменост се најважните алатки кои можеме да ги користиме во борбата против манипулацијата со информации, лажните вести, лажното известување, дезинформациите, пропагандата, измамата.

Шаќири се осврна на заложбите и активностите што ги презема Министерството за информатичко општество и администрација и Владата во доменот на дигитализацијата, како и на предизвиците поврзани со развојот на технологиите.

Додека критичната инфраструктура е во доминантна сопственост на приватниот сектор, со оглед на тоа што нашиот свет сè повеќе меѓусебно се поврзува, Владата мора да ги води и да ги заштити активностите поврзани со ова. Затоа во моментов со нашите партнери од УСАИД работиме на програма дизајнирана да ја подобри подготвеноста за сајбер безбедност на Критичната инфраструктура и клучните ресурси на Македонија – изјави Шаќири.

Тој информираше дека МИОА ја координира иницијативата „Отворено владино партнерство“, потврдувајќи ја нивната заложба за континуирано подобрување на работата на Владата врз основа на отворени, транспарентни, безбедни и ефикасни владини институции кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.

Континуирано го охрабруваме објавувањето и користењето на отворени податоци, чијашто крајна цел е зголемување на транспарентноста и отчетноста на државните институции – вели Шаќири.

Конференцијата се организира во синергија со проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, ко-финансиран од Европската Унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.