Потребите и барањата на работниците се наш врвен приоритет и затоа континуирано, преку меѓусебен дијалог работиме на унапредување на прашањата кои се однесуваат на правата на работниците. За таа цел, заедно со нашите социјални партнери, синдикатите и репрезентативните и нерепрезентативните, работодавачите, како и експертите работиме на новото системско законско решение кое ќе ги регулира работните односи, најави Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика, во синоќешната емисија „Економски магазин“, за Алсат ТВ.

Таа оцени дека постоечкото законско решение е старо 16 години, менувано е повеќе од 20 пати и не кореспондира со технолошкиот развој, со потребите на работниците и на работодавачите.

„Прецизно ќе ги уредиме договорите на определено време со што ќе обезбедиме сигурност за работниците, ќе уредиме после колку време и под кои услови тие треба да преминат во договори на неопределено време, ќе ја регулираме сезонската работа, особено правата на работниците во периодот кога не се сезонски ангажирани.  Ќе обезбедиме модерно и ефикасно решение за породилното отсуство, во делот на мајчинството и родителството, во кое и таткото ќе има право за отсуство од работа. Породилното отсуство ќе биде подолго од сега предвидените девет месеци“, порача министерката Шахпаска и додаде дека притоа мора да се имаат предвид и потребите на пазарот на трудот и на стопанствениците.

Во тој контекст таа објасни дека Владата, особено преку Оперативниот план на активни програми и мерки ги презема сите мерки за преквалификација и доквалификација на работната сила, во согласност со потребите на пазарот на трудот.

Таа нагласи дека за неа како министерка и за Владата од исклучително значење е новиот закон за работни односи да биде усогласен и со работниците и со работодавачите, бидејќи тоа ќе биде дополнителна гаранција за целосна и успешна имплементација.

„Во однос на стравувањата за имплементацијата морам да нагласам дека половина од работата ќе биде завршена доколку партнерите од социјалниот дијалог се договорат како ќе изгледа законот. Во секој случај почитувањето на правата на работниците ќе го гарантираат и казнените одредби што ќе ги предвидиме, како и зајакнатите капацитети на инспекциски служби кои ќе вршат засилен контролен надзор“, додаде министерката Шахпаска и додаде дека очекува во јуни да се отвори широка јавна расправа во општеството за новиот системски закон за работни односи.

Таа се осврна и на законското решение недела – ден на неделен одмор, кое наскоро ќе влезе во собраниска процедура и кое обезбедува поголемиот дел од работниците во недела да бидат со семејствата.

„За вработените во дејностите што се неопходни за функционирање на општеството обезбедуваме повисока дневница за 50 проценти, но и слободен ден во текот на неделата, Додека за вработените во трговските центри, кои ќе работат во една смена, се обезбедува за 100 проценти повисока дневница и слободен ден, додека два проценти од годишниот промет правните субјекти од овие трговски центри ќе бидат обврзани да ги уплаќаат во државниот буџет. Тие пари ќе се инвестираат за нови градинки“, нагласи Шахпаска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.