Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со заменик амбасадорката на Велика Британија во земјава, Џулија Смит, претставничката на УНИЦЕФ во државата, Патриција ди Џовани и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваа на презентација на „Програмата за социјална кохезија и културен дијалог“, во детската градинка „Кочо Рацин“ во Скопје.
Препознавајќи ја важноста на раното учење и развој, Министерството за труд и социјална политика започна реформа на секторот за ран детски развој со цел да се зголеми пристапот и подобри квалитетот на предучилишното образование во земјата. Во соработка со УНИЦЕФ и Британската влада се овозможи поддршка за воспитувачите во предучилишните установи и социо-емоционалното учење.
Социо-емоционалниот развој на почетокот на животот е од клучно значење за целокупниот понатамошен развој на личноста и има огромно влијание за квалитетот на живот на секоја индивидуа. Како ресорно министерство во континуитет работиме на зајакнување на компетенциите на воспитниот кадар во градинките и подигнување на квалитетот на предучилишното образование – изјави министерката Шахпаска.
Менторската поддршка од страна на воспитувачите за колегијална поддршка кон останатиот воспитен кадар има големо значење. Таа им помага на останатите воспитувачи во совладувањето на социо-емоционални стратегии базирани на истражувања кои имаат за цел да ги задоволат специфичните развојни потреби на малите деца.
Програмата вклучува и развој на професионални компетенции кај воспитувачите, во соработка со професори од сите наставнички факултети. Преку интезивни 4-месечни процеси на предавања, средби и колегијална поддршка, вклучени беа 71 градинка, 192 активни воспитувачки за колегијална поддршка,1366 воспитувачки, 102 претставници на стручната служба и 47 директори.
На презентацијата покрај воспитниот и стручен кадар од градинката присуствуваа и родители и деца, со цел на интерактивен начин им се приближат неопходните алатки за социо-емоционален развој на децата. Бидејќи програмата предвидува и вклучување на семејствата во целиот процес со што децата ќе продолжат наученото во градинка да го практикуваат и дома.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.