Mинистерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, вели дека Пописот e најмасовна, најобемна, најверодостојна статистичка и во никој случај политичка операција, која претставува важен индикатор за состојбата во која се
наоѓа населението.
Шахпаска нагласува дека податоците од пописот се потребни за да може Владата, но и Министерството со кое таа раководи, да креираат политики кои ќе одговорат на потребите на граѓаните.
Пописот е статистичка операција, а не политичко прашање. Ние како држава 20 години немаме основни податоци кои ни се неопходни, нам како Влада, а особено како Министерство за труд и социјална политика. При креирањето на нашите политики и носењето законски решенија и носењето одлуки кои треба да одговорат на потребите на граѓаните потребно е да ја знаете структурата на граѓаните. За нас е битен бројот на вработени, колкава е невработеноста, колкав е процентот на вклученоста на жените на пазарот на труд, колкав е процентот на еднородителски семејства, колку се корисници на гарантирана минимална попмош, колку од нив се вешти за да можат активно да се вклучат на пазарот на труд… – изјави Шахпаска.
Таа е уверена дека со почитување на протоколите за заштита од пандемијата попишувањето не е ништо поризично отколку нашите секојдневни активности.
Сите попишувачи кои поминуваат низ регуларната обука со која треба да бидат обучени како треба да го спроведуваат попишувањето секако дека имаат дополнителна обука во делот на протоколите и заштитните мерки – да носат заштитна маска, визир, дезинфекциски средства, да носат ракавици. На тој начин штитејќи се себе си ги штитат и граѓаните кај кои одат на попис – изјави Шахпаска по посетата на Дневниот центар за лица со попреченост во Берово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.