Министерството за труд и социјална политика почнува соработка со „Ново Нордиск“, УНИЦЕФ и Институт за јавно здравје која, како што информираше министерката Јагода Шахпаска, ќе резултира пред сè со подготовка на ново мени за исхрана во градинките.
Како што информираат од МТСП, на состанок на кој присуствувале првата дама, Елизабета Ѓоргиевска, претставници од УНИЦЕФ, Институт за јавно здравје, МТСП и фармацевтската компанија „Ново Нордиск“, Шахпаска посочила дека уште поважен е процесот на прифаќање и едукација на вработените во градинките, родителите и децата за важноста и потребата од исфрлање на лошите навики во исхраната и поголем внес на свежи и здрави намирници.
Како што стои во соопштението од МТСП, на состанокот, првата дама, осврнувајќи се на нејзината професионалност, стоматологијата, посочила дека оралното здравје е значаен елемент во зачувувањето на општото здравје, и според неа, за тоа најважна улога има токму исхраната.
Претставниците на фармацевтската компанија „Ново Нордиск“ истакнале дека се свесни оти за успех на проектот најпрво е потребно запознавање, едукација, прифаќање, па дури потоа доаѓаат промените.
Соговорниците изразиле подготвеност за плодна соработка во периодот кој следува и уверување дека овој проект нема инстант резултати, но, предвидува долгорочни резултати во однос на здравјето на децата. Како што велат, преку овие промени, ќе се превенира дијабетот, кариесот, обезноста, што земаат сè поголем замав меѓу најмладата популација, затоа што, присуството на овие состојби покажува дека постои одредено ниво на неизбалансираност на исхрана кај најмладите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.