Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска учествуваа на зум состанок со претставници на Сојузот на Стопанската комора на Македонија и претставници од Министерството за економија, на кој се разговараше за сите аспекти од новото законско решение за недела да биде неработен ден, иницијатива прифатена од страна на Владата, соопшти МТСП.
Министерката Шахпаска ја потенцирала важноста на овие консултативни средби и можноста за отворена дискусија и учество на претставници на сите засегнати страни, со цел да се изнајде издржано решение, кое ќе одговори на потребите, но и ќе овозможи нормално функционирање на општеството.
Исклучоци од правилото дека недела ќе биде неработен ден секако дека треба да има. Особено во поглед на дејностите кои се од витално значење за функционирање на општественото живеење, како што е здравството, полицијата, противпожарната служба и други дејности. Се прават темелни анализи, се консултираат сите засегнати страни со единствена цел да дојдеме до сеопфатно решение, посочи Шахпаска.
Од страна на Сојузот на стопанската комора на Македонија биле презентирани првичните резултати од направената анкета која опфаќа 1.160 испитаници од различни сектори, а која упатува на тоа дека на прашањето за негативните последици по работењето доколку недела биде неработен ден само 25% се изјасниле дека ќе имаат негативни последици, а високи 75% дека нема да има.
Учесниците на состанокот се согласиле дека оваа анкета ќе даде значаен придонес во креирањето на ова ново законско решение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.