Сертификат за завршена имунизација против ковид-19 граѓаните можат да добијат кај својот матичен лекар. Но, матичните лекари не се официјално известени од Министерството за здравство и дел од нив не знаат дека имаат таква можност, а дел слушнале од свои колеги дека софтверот го овозможува тоа со внесување на матичниот број, пишува МКД.мк. Најчесто поставуваното прашање на граѓаните на вакциналните пунктови по примената втора доза на вакцина против ковид-19 е дали може веднаш да го добијат и сертификатот, кој веќе стана неопходен документ за патување во странство.
Одговорот што и ние денеска го добивме на вакциналните пунктови во спортската сала „Борис Трајковски” е дека сертификатот може да се добие кај матичниот лекар. Вчера од Министерството за здравство за МКД.мк рекоа дека сертификатот ќе може да се добие или на самиот вакцинален пункт или кај матичниот лекар. Но, очигледно е дека на вакциналниот пункт или не се информирани од Министерството за здравство дека можат да издадат и сертификат, или навистина немаат таква можност.
Првиот матичен лекар што го прашавме нѝ одговори дека не е известен за таква можност, нагласувајќи дека за да можат да издаваат сертификати за извршена имунизација против ковид-19 треба да бидат и официјално известени.
Претседателот на Здружението на приватни лекари на Македонија, Лидиja Чолаковска Дервишова во телефонски разговор нѝ изјави дека матичните лекари не се известени дека можат да издаваат сертификати, но дека еден од друг слушнале дека во софтверот има таква можност со внесување на матичниот број.
Таа нагласи дека е лоша комуникацијата што со нив ја има воспоставено Министерството и дека тие како лекари заслужуваат барем да бидат официјално известувани за секоја новина, потсетувајќи со каков обем на работа и трошоци се соочени во периодот на ковид-кризата и дека покрај лекување на пациентите, се претворија и во принтерски одделенија и телефонски кабини.
Од друг матичен лекар во Скопје добивме потврден одговор дека таков сертификат можат да издадат за свои пациенти кои ја примиле и втората доза на вакцина против ковид-19.
Граѓани преку фејсбук група за совети и искуства со ковид-19, веќе споделуваат дека ја добиле таа потврда.
Пред два дена за МКД.мк од Министерството за здравство изјавија:
Министерството за здравство ќе издава потврда со QR code, на македонски и англиски јазик. Сертификат ќе добијат сите граѓани што примиле вакцина со ревакцина и имаат потреба од сертификат. Насоките за изработка на овој сертификат се од Јуроп хелт нетворк на Европската комисија, каде што предвидоа сет на податоци што ги содржи кодот, односно тој сертификат, а тоа се – име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, како и тип на вакцина. На сертификатот, исто така, ќе има и дигитален печат од Министерството за здравство.
Сертификатот, како што додадоа, по барање на граѓанинот, може да се добие и како потврда и во електронска форма.
Останува уште матичните лекари и официјално да бидат известени.
Сертификатот за завршена имунизација против коронавирусот на граѓаните им е важно да го поседуваат бидејќи стана неопходен документ за патување во голем број на земји, а веројатно ќе биде потребен и за други намени внатре во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.