Министерството за образование и наука и Министерството за здравство дневно ја следат состојбата и доколку добиеме препорака за промена, во истиот момент ќе бидеме спремни да промениме сè што ќе ни биде кажано, изјави денеска министерката Мила Царовска, повторувајќи дека од 1 септември училиштата ќе бидат отворени за сите ученици и дека тоа е прво и најпосакувано од трите сценарија за почеток на новата учебна година.
Во одговор на прашање дали ќе се ревидира одлуката поради континуираниот пораст на новозаразени со коронавирус, таа рече дека се следат препораките од здравствените власти и одлуката на Владата и Главниот кризен штаб, а моделот на настава ќе се смени ако Комисијата за заразни болести утврди да има потреба. Второто сценарио е хибриден модел – наизменично една недела едни ученици во училница, а половина од паралелката – онлајн и третиот модел, како лани – физичко присуство за една група ученици, а за друга во континуитет наставата да биде на далечина.
Најнепосакувано е второто и третото сценарио. Како што препорачуваат и од УНИЦЕФ и ОЕЦД и сите други земји кои се поразвиени од нашата, физичкото присуство е најпосакувано и најсоодветно и ние се подготвуваме за овој модел на настава, согласно препораките и на Кризниот штаб и одлуката на Владата. Во даден момент, доколку Комисијата за заразни болести утврди дека треба да го менуваме моделот, ние сме подотвени за сите три сценарија, рече Царовска при посетата на ОУ „Климент Охридски“ во Драчево каде што денеска беше претставена мобилна станица за миење раце донација од УНИЦЕФ преку УСАИД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.