Од семејството на починатата кумановка велат за Телма дека Гордана Димковска не била во странство во последните 4 години, а во странство не патувал последните години ниту синот кој сега е на инфективната клиника во Скопје.
Тие реагираат на информациите објавени во медиумите пренесени од министерството и тврдат дека сите тестови кои и биле правени на 57-годишната кумановка биле негативни на корона вирусот. Сега починатата Гордана неколку дена била со температура и проблеми со дишењето на инфективното одделение во кумановската болница.
Бевме вчера после 9 на посета, пред прозорец во кумановското инфективно одделение и зборувавме со неа и со синот. Таму вообичаено нема посети за пациентите. Ни се жалеа дека не добиваат ништо од службата иако бараат и вода. Тогаш во еден момент на жената и се слоши, синот кој беше постојано со неа се обидуваше да и помогне и да ја реанимира. Дојдоа лекари на испомош, откако синот и викаше за помош. Кога стигнавме до влезната врата, никој не излезе да ни каже ништо. Помина чистачката и кога разбра дека сме за неа, ни кажа „бог да ја прости“, изјавија за Телма најблиските на починатата.
Синот по смртта на својата мајка, првин е префрлен на скопска пулмологија но откако беше објавено дека станува збор за случај со корона тој е префрлен на скопската инфективна клиника. Роднините барале и мајката претходно да биде однесена во Скопје, но кумановските лекари им кажале дека бидејќи тестовите им се негативни на корона и поради тоа не може да ги префрлат во инфективната клиника во Скопје.
И во документот кој им е издаден како потврда за смрт стои дека е причината за смрт е Cardiac arrest.
Семејството дознало за корона за време на погребот денеска кога полиција дошла и им кажала со назнака дека погребот треба и да се одложи. Но после два часа им било дозволено да ја погребаат починатата. Претходно кога ја земале од болница никој не им кажал ништо и лекарите тврделе дека не станува збор за корона. Не е извршена ниту обдукција затоа што семејството не се сложило со барањето. Телото било во капела преку ноќ и тогаш и е земен примерок за ново тестирање кое било позитивно на корона, иако роднините се сомневаат поради претходните негативни резултати.
Досега не се тестирани ниту роднините ниту пак некој од лекарите од кумановското инфективно одделение е во изолација, тврдат блиските на починатата за Телма.
На денешната прва прес конференција министерот за здравство Филипче соопшти дека за 57-годишна жена од Куманово посмртно е утврдено дека починатата била заразена со корона вирус по два претходни негативни тестови. На втората прес конференција тој соопшти како се одвивал случајот.
Жената која што почина од Ковид 19 за првпат на преглед се јавила на 16 март, имала температура без кашлица и негирала дека патувала во странство, по што и била дадена терапија. Следниот ден на 17 март дошла заедно со нејзиниот син кој исто така имал температура и повторно негирала патување во епидемиолошката анкета и негирале контакт со заболен. На 17 и 18 март примале терапија во дневната болница, немале кашлица. На 19 март со потежок наод констирана е пневмонија и се сместени во изолација, по што се земаат брисеви. На 19 и на 20 март се направени во два наврати анализи на двајцата. Резултатите од 19-ти март се негативни, а на 20 март се повторен тестот кај мајката и тој бил негативен. На 21-ви март состојбата се влошува, направени се обиди за реанимација, но за жал без успех, пациентката починала. Со оглед дека компликацијата станува нагло, земен е материјал после смртта, уште еден материјал и тестот е позитивен на коронавирус. Преиспитани се повторно материјалите уште еднаш и тие се негативни. Разговараме со експерти, консултиравме литература никаде тестовите не се 100 посто сензитивни и тоа е докажано, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.