Владата за која денеска расправаме го има изгубено легитимитетот, а Ковачевски нема изборен легитимитет и во право се дискутантите што два дена тоа го говорат, рече пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села, оценувајќи дека тој можеби има само технички аспект на легитимитет. Села рече дека демократијата, која не е на добро ниво во Македонија, го има аспектот на ДУИ, која партија, нагласи, нема легитимитет зашто го потроши во изминатите години со коруптивно и арогантно однесување, но и дека владата го загубила легитимитетот и поради Алтернатива.
На крај на дебатата сме за создавањето на едно ново мнозинство. Во краток рок повторни се дискутира програмата на владата и кандидатите за министри. Паѓа во очи дискусијата за легитимитетот и со право се расправа за тоа, рече Села.
Секој од нас има свое видување за ова многу значајно прашање, бидејќи да зборуваш за демократија кај нас е многу тешко. Мислам дека владата го има изгубено легитимитетот. Легитимитетот на мандатарот е изгубен. Вистина е дека мандатарот не побарал доверба од граѓаните и како таков нема обврска спрема нив. Самиот Заев ја подгреа дебатата за легитимитетот на ова мнозинство со неговата оставка. Ние како опозиција имаме право да ви кажеме дека оваа влада нема политички легитимитет. Ова мнозинство составено од СДСМ и ДУИ со дејствијата на нивниот довчерашен лидер го урна тој легитимитет. Легитимитетот е потрошен материјал. ДУИ побара претседател на владата Албанец. Се уште слушаме дебати дека последните 100 дена премиер ќе биде Албанец, а не дебатираат за потребите на граѓаните. Денес вторпат го горите политичкиот легитимитет. Алтернатива заедно со нас зеде мандат за да стави крај на политичкиот монизам од 20 години владеење на ДУИ Алтернатива сега нема никаков легитимитет – рече Села.
Тој ги предупреди пратениците дека ако гласаат за владата на Ковачевски ќе гласаат и за проектот „Отворен Балкан“ кој како што рече Косово го остава на страна.
Села посебно им се обрати на пратениците на ДУИ велејќи им дека се 20 години на власт, време во кое направија многу проблематични потези.
„Вие сте главните виновници за масовното иселување на Албанците, кои не гледаат перспектива со ваква власт во земјава. Освен тоа, промашени се напорите за инфраструктурно поврзување на земјава со Косово и Албанија, а во поглед на Косово, поддржувате и еден проект за Отворен Балкан, без критички дел од претседателот на Србија Вучиќ и неговото учество во воените дејства што тој ги поддржуваше. Идејата е да се заобиколи Косово, тоа не го гледа ДУИ“, рече Села оценувајќи дека Отворен Балкан ја турка настрана веќе изгласаната одлука за признавање на Косово од страна на Македонија.
На Села му реплицираше координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, кој рече дека за жал на Села, тој и неговите партии во кои учествувал никако да го победат Али Ахмети.
„Вие всушност, немате легитимитет, а и доволно си го потрошивте со дружбата со Димитар Апасиев со кого се испосликавте – една слика илјада зборови. Имаме само една замолница до Села, на вашиот партиски конгрес да бидам делегат и со две раце ќе гласам вие да останете претседател на Алијанса за Албанците“, рече Адеми.
„Можете да смените партија, но за вакви лица нема место како делегат на Конгрес на нашата партија“, му возврати Села.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.