Зголемено е присуство на полиција околу Собранието, во 11 часот се очекува да започне закажаната седница каде треба да се гласа за доверба на Влада.

Ќе падне владата граѓаните ќе бидат послободни. Најпосле ќе се ослободат од целиот притисок од оваа недемократска власт и антиграѓанска власт, накусо изјави лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села при пристигнувањето пред Собранието.

Новото парламентарно мнозинство, договорено во минатиот петокот од опозициските партии ВМРО ДПМНЕ и Левица и Алијанса за Албанците и Алтернатива, со помош на пратениците од владејачкото Движење Беса поднесоа предлог за доверба на владата.

Доколку опозицијата обезбеди 61 глас против кабинетот на Заев, тогаш Владата е должна да даде оставка во рок од 24 часа, по што би почнал да тече рокот од 10 дена во кои претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата или партиите кои ќе потврдат дека имаат најмалку 61 пратеник во Собранието. Досегашната Влада, пак, ќе остане на должноста до избор на нов кабинет. Доколку, пак, опозицијата не успее да ја урне Владата на СДСМ и на ДУИ, тогаш во наредните 90 дена нема да може да се поставува ново прашање за доверба на Владата, освен ако иницијатива за тоа поднесе најмалку 61 пратеник.

Собраниската расправа денеска треба да заврши до полноќ, без разлика на бројот на пријавени пратеници за дискусија.

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на 31 октомври најави дека ќе поднесе оставка од двете функции поради поразот на локалните избори. На седницата на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ во вторникот, била донесена едногласна одлука тој да ги одложи оставките. Последните парламентарни избори се одржаа лани, по што СДСМ заедно со ДУИ ја формираа втората заедничка влада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.