Гимназијата во Тетово е единственото училиште каде учениците учат одвоено. Сегрегацијата во тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ и натаму продолжува. Учениците Македонци и натаму учат во објектите на старото медицинско училиште, одвоени од нивните врсници Албанци. Веќе трета година има најави дека ќе се започне со градба на објект во склоп на гимназија каде ќе се следи настава на Македонски јазик. Но, активностите на терен никако да започнат.

Причината за закочениот процес околу реализацијата на овој проект, централните и локалните власти меѓусебно ја префрлаат. И минатата и оваа учебна година од Министерството за образование на прашање за тетовската гимназија излегуваат со ист став.

Министерството за образование и наука е максимално посветено и во координација со локалната власт прави напори за отпочнување на реализацијата на проектот за изградба на објект за потребите на ова училиште.По доставување на планската документација од страна на локалната самоуправа, службите во МОН дадоа забелешки за корекција на истата, со цел расчистување на сите предизвици од правен аспект, за да може проектот да се реализира, велат од министерството.

Од Општина Тетово само кусо искоментираа дека работат на корегирање на грешките, поврзани со планската документација за изградба на објектот.

 

извор: телма.мк

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.