Предлогот за широка коалиција е до сите партии и се однесува на периодот сега, периодот по локалните избори, по следните редовни парламентарни избори или кога било. Тоа е моја лична определба – да следиме европски пракси, да ѝ помогнеме на земјата да се движи со поголема ефикасност и засилена брзина, се со цел подобро да им служиме на граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, на која беше претставена владината Агенда Европа дома.

Пораката, нагласи Заев, ја соопштил како личен став и има за цел да се отвори дебата.

Прашан дали повикот за широка влада бил само за ВМРО-ДПМНЕ или и за албанската опозиција, Заев рече дека, пораката е до сите и дека зборува за вклучување на сите, по примерот на германскиот, каде влегуваат и левица и десница, швајцарскиот модел или Австрија од пред неколку години.

Успешно се движат државите и навистина се пример на европскиот континенет како тоа се прави. Ги кажав и причините. Прво да си го сплотиме целиот наш народ во државата и второ да ги забрзаме процесите кои се едни од најболните – департизација на администрацијата, отстранување на клиентелизмот во јавната администрација, правосудството или локалните самоуправи, изјави Заев.

Тоа, според Заев носи сериозни придобивки и зголемена динамика, што нашите граѓани го  заслужуваат, но дека тоа не е можно со Христијан Мицкоски.

Но, треба соговорник од другата страна. Зборувам за ВМРО-ДПМНЕ, но секако и за целата опозиција. Јас ова прашање го соопштив како мој став и го немам разговарано, дури ни со коалиционите патнери, но знаете дека сум човек што отвора дебата. Слободно нека се отвори дебата, намерата е исклучително татковинска и државничка. Во услови кога ја проверив довербата и таа постои, во услови кога очекувам зголемување на мнозинството и тоа е реално, сепак испратив порака, дајте да одработиме максимум за нашиот народ за татковината, изјави Заев.

Дебатата за широка коалиција отворена и целта според премиерот Заев е искрена. Заев истакна дека од власта секогаш апелираат за соработка и за нивна подготвеност за прифаќање на контрааргументите кои што ги има опозицијата и се во интерес на државата.

Затоа ја отворив и оваа перспектива да разговараат и да размислуваат сите. За танго треба двајца, но за оро се потребни повеќе. Треба да одиграме за државата и за целиот наш народ онака како што мислиме дека е најдобро. Се обидовме со многу законски решенија, се обидовме со важните стратешки прашања на државата – НАТО  и Европската унија, немаме успех и тоа од 2017 година наваму. Драго ми е што државата чекори напред. денеска сме членка на НАТО, во март лани добивме одлука за почеток на преговорите по 15 години чекајќи како земја кандидат. Многу работи се придвижија пред се на економски план по сите блокади. Не гледаме дека со блокадите ќе има добробит за државата, туку треба максимален консензуз или консензуз за сето она што е возможно да се постигне во државата. Тогаш имаме и гаранција за успешност на сите политики, а тогаш и ефикасноста, брзината и развојот на државата и растот на економијата се поизвесни и поевидентни, истакна Заев.

Ова е лично негова определба, но како што рече, очекува поддршка и од органите на партијата.

Тоа е моја лична определба. СДСМ нема донесено ваква одлука, но имам сериозна надеж дека органите на партијата ќе го потврдат. Тоа е една определба да следиме европски пракси и да и помогнеме на нашата земја да се движи со поголема ефикасност и засилена брзина се со цел подобро да им служиме на граѓаните. Отворив период сега, период после локалните избори, после следните редовни парламентарни избори или било кога за да може да се знае јасно мојата лична определба околу ова прашање, рече Заев.

Тој нагалси дека не престануваат обидите за соработка опозицијата, потсетувајќи дека во претходниот мандат успеал да постигне многу значајни договори со опозициските партии на Албанците, затоа што и тие верувале во истите политики.

Верувам за таквите прашања и до ден денеска е можно да се постигнат договори заради тоа што и тие исто како што верувам и јас, веруваат во НАТО и Европската унија, додаде тој.

Тоа, според него, не би можел да го каже и за ВМРО-ДПМНЕ, со која не успеале да постигнат ништо.

Се обидовме со Клинички центар, со Законот за бесправните граби и нивната легализација, со законски решенија речиси од сите области. Кој има корист од кочење или блокирање на законот за бесправни градби и легализација. Најголем дел од сиромашните граѓани на нашата земја ги немаат легализирано своите куќи. Кој има корист од четири или пет закони од екологијата што се закочени во Парламентот? Кој има корист од законот за Договорот со Европската банка за обнова и развој за трамвај на тркала во Скопје, кој што е еколошки проект, но пред се и безбедносен. Кој има корист од законот за енергетска ефикасност, каде што треба да се менуваат фасади, системи за греење, прозорци на училишта, градинките и болниците. Кој има корист и зошто да се блокира законот за унапредување на продуктивноста во земјоделието за изградбата на трите огромни откупни центри во Скопје, Ресен и Струмица. Овие денови се прават обиди за неколку излезни решенија, како што е за законот за АВМУ и неговата ијмплементација, потенцира премиерот Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.