Во болницата „Пирогов“ во Софија, по несреќата со автобусот на автопатот „Струма“, се примени 17-годишно девојче и шест возрасни лица, изјави доктор Маја Аргирова од Клиниката за изгореници при медицинската установа за БТА. Според неа, сите се надвор од животнозагрозувачка состојба.
Девојчето и петмина од возрасните се примени на Клиниката за изгореници, а еден е упатен на Клиниката за трауматологија. На сите им се прават дополнителни прегледи во болницата.
Несреќата се случи на магистралниот пат „Струма“ нешто по 2 часот, кај селото Боснек. Автобусот со македонски таблици сообраќал во правец на Македонија. Возилото во Бугарија влегло од Турција. Малку по полноќ автобусот застанал на бензинска пумпа во близина на Софија, по што продолжил. Несреќата се случила еден час подоцна.
Засега нема потврда дали автобусот прво излетал од патот, а потоа се запалил или најпрво настанал пожар во возилото. Според првичните информации, причината поради која луѓето не можеле да се спасат е тоа што автобусот се превртел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.