ВМРО-ДПМНЕ ја одржа својата редовна седница на Извршниот Комитет прва по одржувањето на предвремените парламентарни избори. На седницата се дискутираше за актуелната општествено политичка состојба и последните избори кои се реализираа, соопшти партијата.
– Извршниот Комитет заклучи дека изборите се одржаа во недемократска атмосфера со масовен поткуп на гласови спроведен од актуелната власт на СДСМ. Воедно ВМРО-ДПМНЕ забележува и на бројните недостатоци на денот на изборите срочени во приговорите до Државната Изборна Комисија кои беа одбиени, а кои ќе се преточат во тужбено барање до Управниот Суд – велат од партијата.
Од таму додаваат дека во едни такви околности ВМРО-ДПМНЕ ја добиле довербата од народот во најголем број на општини, и воедно издејствувале поголем број на мандати споредено со партијата СДСМ без коалицијата со Беса. Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ дал насока да се изготви темелна анализа за резултатите од изборите за која подоцна ќе се дискутира на органите и телата на партијата.
– Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ го овласти претседателот Христијан Мицкоски да продолжи со разговори во обидот за составување на ново парламентарно мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ смета дека загрижува економската криза во државата која секој ден е се полоша и за која треба активни мерки кои истата да се надмине – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.