Во однос на започнатата координација со министрите за здравство од соседните земји за патување, министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека по тоа прашање постојат различни ставови и национални политики, кои е потребно да се координираат.

Од една страна некои земји бараат тестирање пред патување, други најавија дека нема да бараат. Ние за таа цел посебно, имајќи предвид дека може да бидеме многу оптеретени со патници кои транзитираат, но и наши граѓани кои сакаат да патуваат, вклучително и странци, во таа смисла ќе размислуваме и за алтернатива за карантините, доколку се одлучи на таква работа, изјави Филипче.

Времето кога тоа ќе започне, посочи тој, ќе произлезе токму од овие состаноци.

Да имаме барем на ниво на регионот еден унифициран пристап, за да нема збрка и да не се бара една работа во една држава, па за друга во транзит нешто сосема друго, или на крајната дестинација повторно некое трето барање. Во таа смисла се координативните состаноци и верувам дека повеќе информации ќе имаме во текот на следната недела, изјави Филипче.

Најави и дека денеска во Атина на состанок со министерот за здравство на Грција ќе се зборува за мерките за заштита при патување по отворањето на границите со јужниот сосед.

На средбата ќе размениме искуства за досегашното менаџирање на кризата, кои треба да помогнат во понатамошната битка со вирусот. Подготовките на здравствениот систем за следниот период кога се очекуваат нови пикови, и најбитно од сѐ, за координација во однос на отворање на границите и аеродромите, рече Филипче на денешната прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.