Професорката Симона Груевска Маџоска, од Институт за македонски јазик, реагира во врска со презентација на Министерството за образование и Бирото за развој на образованието кои најавуваат дека веќе ќе нема посебен предмет историја туку историските факти ќе се учат како дел од „Општествени науки“.

Професорката Груевска Маџоска, истакнува дека е несфатливо како е можно Историја, Граѓанско образование и Географија да се изучуваат во еден предмет и тоа од прво до деветто одделение.

Скандалозна реформа на основното образование! Комплетно згрешена концепција и експериментирање со учениците! Укинат предметот историја и ставен во групен предмет Општествени науки! Е па „браво”! Што да кажам друго! – реагира Груевска Маџоска на.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, вчера одржа онлајн состанок со директори и наставници од основните училишта на кој разговараа за новата концепција за основно образование која треба да стартува од идната учебна година.

Основното образование е базата на образованието и затоа промените ги започнуваме токму од овде. Новата концепција ќе значи повеќе време во училиште, помалку предмети, односно спојување на повеќе предмети во еден, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици. За сето ова е потребна максимална посветеност на наставниците коишто низ креативен и инспиративен начин низ наставата и дополнителни активности вон наставата ќе го поттикнат полниот потенцијал кај секое дете – изјави Царовска.

Со реформите е предвидено учениците да поминуваат повеќе време во училиште, но не само за настава, туку и за други активности и курсеви како што се дополнителен спорт, дополнителни часови по кодирање, дополнителен странски јазик и слично…

Досега во јавноста немаше информации дека се работи на укинување на предметот историја. Засега нема информации дали укинувањето на предметот историја има врска со споровите со Грција и Бугарија и барањата од таму за промени во учебниците.

На состанокот се обрати и Директорот на Бирото за развој на образование Зеќирија Хасипи, а презентацијата на концепцијата ја водеа членови на работната група проф. д-р Виолета Петровска Бешка од Институтот за психологија и Митко Чешларов од БРО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.