Специјалниот однос кон Мијалков го торпедираше „успехот“ од координираната акција за неговото враќање, пишува „Дојче веле“, потенцирајќи дека многу правници укажуваат на многу недозволени грешки во правосудството.
Што се случува кога премиерот лично координира активности во кои се вклучени судството и обвинителството? Што се случува кога претседател на суд му сугерира на обвинителството да повлече жалба? Што се случува кога на лице во бегство му се остава можност да избира каде ќе се појави за да го прими решението за притвор? Според јавните реакции – се случува тешка хаварија врз напорите за изградба на првна држава, особено во време кога се води процес за т.н. филтрирање на судството и обвинителството од нивни непрофесионални кадри. И додека нестручната јавност повеќе интуитивно препознава дека со правдата многу нешта не се во ред, правниците тешко наоѓаат зборови за да ја опишат скандализираноста од некои институционални, но и вонинституционални „екскурзии“ поврзани собегството и враќањето на Мијалков, пишува медиумот.
Во овој момент веројатно малкумина се тие што знаат што навистина се случувало и неблагодарно е да се шпекулира со било која теорија, но по она што беше презентирано од страна на Мијалков и обвинителката Русковска, за мене се наметнуваат неколку правни дилеми. Прво, со оглед дека обвинетиот го најавил своето појавување, зошто тој се упатил во обвинителството за врачување на решението за куќен притвор?! Ова од причина што обвинителството ниту го донело тоа решение, ниту пак има надлежност за негова достава. Понатаму, обвинителката Русковска неколку пати повтори дека обвинителството ја повлекло жалбата на решението за куќен притвор по сугестија на претседателот на Кривичниот суд!? Доколку е тоа вистина, тогаш претседателот на судот сериозно ги надминал своите надлежности, со оглед дека неговата недлежност е во делокругот на организацијата на работата на судот. Тој нема право да се меша и влијае во работата на судиите од неговиот суд, а да не говориме да му сугерира одредено постапување на јавниот обвинител, кој е една од странките во кривичната постапка пред судот, вели за „Дојче веле“ Драган Малиновски, адвокат и поранешен член на ДКСК..
Идентични забелешки има и извршната директорка на Коалицијата Сите за правично судење, Натали Петровска.
Претседател на основен суд во никој случај не би требало, во каков било капацитет да влијае на странките во постапката, а во случајов на јавното обвинителство, со цел да биде повлечена поднесената жалба на решение за домашен притвор. Секако дека ова ниту е, ниту смее да биде пракса на постапување. Даденото образложение за ова е во насока на евентуално поедноставување на постапката и можност за поднесување веројатно ново барање за ефективен притвор, наместо домашен. Но, колку што мене ми е познато, до овој момент обвинителството нема побарано ефективен притвор, така што веројатно и конкретното решение за определување на домашен притвор е веќе и правосилно, вели Петровска.
Целата сторија на „Дојче веле“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.