Полни кафулиња и кафани кои работат до раните утрински часови, прослави на матури, полуматури, родендени, крштевки, растрчани деца по игралишта, долги редици пред банките без заштитна опрема. Вака изгледа градот Делчево во време кога коронавирусот после неколку месеци го зафати и ова мало гратче во кое досега има неколку позитивни случаи и повеќе нивни контакти веќе се ставени во самоизолација, пренесува „Фокус“.
Од тоа што може да се забележи во градот, повеќето граѓани воопшто не носат заштитни маски, а дел од нив се уште дебатираат дали постои овој опасен вирус или некој го измислил. Ретко можат да се забележат граѓани кои ги почитуваат заштитните мерки.
Поради зголемениот број позитивни случаи на коронавирус во Делчево и на лицата кои се во самоизолација, градоначалникот Горан Трајковски апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и со свој личен пример да придонесат во зачувување на колективното здравје.
Јас уште еднаш апелирам до сите граѓани, да се почитуваат мерките за заштита, да се носат заштитни маски за лице, да се одржува дистанца и редовна дезинфекција на рацете, но пред сè, да нема групирања. Ова што се случува по рестораните и кафулињата во Делчево, само уште еднаш ја покажува неодговорноста на поединци која може да доведе до ситуација, кога во државава се смирува епидемијата, тука да почне да се разгорува, вели Трајковски.
Потсети дека Делчево беше град каде со месеци немаше ниту еден случај со коронавирусот.
Затоа, апелирам на лична одговорност до секој еден жител на општината, не го загрозувајте здравјето на вашите родители и пријатели, бидејќи никој не може да ве заштити, ниту локалната, ниту државата, ниту СЗО, ако самите не го направите тоа.
Од оваа болест никоj не е имун; Почитувајте ги мерките; Носете заштитни маски; Држете социјална дистанца; Не се групирајте; Но, посебно, доколку некој има симптоми на болеста или е без симптоми, но имал контакти со заболени лица, задолжително да направи тест и веднаш да се самоизолира, без разлика што резултатите не се готови. Со тоа ги штитите своите најблиски, пријателите, соседите, целиот град, рече Трајковски.
Тој додаде дека Општина Делчево, покрај редовните дезинфекции на улиците и јавните објекти и површини, ќе направи и вонредна дезинфекција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.