Компанијата „Нексан“ од Никшиќ на Миодраг Дака Давидовиќ стана сопственик на „Јелак Градба“ од Тетово наместо панамската оф-шор компанија Адастра на контроверзниот црногорски бизнисмен.
Градежната компанија „Јелак-Градба“ е формирана на почетокот на 2016 година со седиште во Тетово, со основна главнина од 2 милиони евра основана од офшор фирмата Адастра и управувана од Давидовиќ-Дака, која досега немаше никаква деловна активност.
Името на Миодраг Давидовиќ Дaка македонската јавност го слушна првпат во зудиобомба презентирана од опозицијата. По парламентарните избори опозицијата реагираше дека Дака, чија компанија „Нексан“ е позната по тоа што презема компании под стечај во Црна Гора и Србија, во центарот на Тетово ќе изгради 2.000 стана и трговски центар на местото на поранешниот шумарско-индустриски комбинат Јелак.
Во разговорот објавен во бомбата јасно се слуша дека Дака на Зоран Милевски Кичеец му дал 300 000 евра со цел да му се завршат работите, а дополнително ветува 2000 метри квадратни земјиште и 2 милиони евра доколку се дозаврши работата поврзана со ШИК Јелак Тетово.
Самиот Дака во писмо до јавноста призна дека Кичеец посредувал Дака и да оствари средба со Заев.
Милевски, и покрај сите ветувања и преземени обврски, не успеа да обезбеди ниту една дозвола, ниту презеде какви било активности за реализација на проектот во Општина Штип, единствено што стори за мене е што ми организираше состанок со премиерот Зоран Заев. Точно е дека на состанокот со премиерот Зоран Заев ги изложив своите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер. Меѓутоа, соопштено ми е дека сите концесии за овој вид дејност се по повластени тарифи, веќе доделени, упатувајќи ме кај генералниот секретар на владата, Драги Рашковски да му проверам какви се плановите на владата за идниот период, врзано за доделување нови концесии. Меѓутоа, ниту до денешен ден не добив информација која би укажала дека во иднина би можел да очекувам реализација на наведениот проект – пишува Миодраг Дака Давидовиќ во јуни 2020.
Премиерот Заев во врска со овој случај минатата година се изјасни дека сопственоста на инвеститорот била остварена за време на ВМРО-ДПМНЕ и дека тој не гледа ништо спорно во тоа што за тој простор е донесен урбанистички план со станови.
Црногорската „Нексан“ е основана во 1992 година како друштво за трговија, додека во годините што следуваат фирмата почнува да се занимава со транспорт, шпедиција, градежништво, трговија со нафта, производство на вино. Во 2006 година, нејзина доминантна дејност станува градежништвото, така што гради комплекси во Будва, Свети Стефан, Подгорица, Никшиќ…
Парцелата од 71 000 квадратни метри на комбинатот минатата година доби нова намена и наместо за индустрија, општината Тетово одлучи локацијата да се користи за домување и за трговски дејности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.