Амбасадорката на Македонија во Шведска, Мира Ивановска-Крајациќ и претставничката на групата „Македонски амбасадори во Шведска“ Благица Димеска, се сретнаа во Стокхолм и разговарааа за процесот за признавањето на македонските возачки дозволи, постапка која е во тек.
Групата „Македонски амбасадори во Шведска“ е активна три години и се занимава со консултативни прашања и давање на насоки за легално регулирање на престој по основ на работа во Шведска за сите новодојдени граѓани од Македонија. Активностите на групата се засноваат на најблагородните и универзални принципи на отвореност, демократија, еднаквост, недискриминација од било која природа, разбирање, заедништво како и интерес за заеднички проекти кои ќе придонесат за поголема еманципација на колективната свест во интерес на македонските граѓани во Шведска.
Групата е отворена и ги штити интересите на сите граѓани од Македонија, подеднакво, без разлика на верска, национална и политичка определба.
Јас како администратор и мојата соработничка Ивана Ристова која е и модератор на групата се залагаме за конструктивна соработка со членовите на групата како и за одржување на кохезијата во интерперсоналната комуникација во и надвор од групата. Чест ни е и задоволство да се пофалиме дека оваа група е група на честити луѓе, интелектуалци и пред се хуманисти. Во изминатиов период реализиравме донации на лична и приватна иницијатива за помош на болни и егзистенцијално загрозени случаи. Пораката од амбасадорката е дека амбасадата е наш дом каде сите се добредојдени за соработка и дружба во насока на создавање цврсти релации меѓу нас како дијаспора со матичната земја – вели Димеска.
На средбата било отворено прашањето за регистрирање на групата Македонски Амбасадори во Шведска како асоцијација со три главни седишта во Стокхолм, Малме и Гетеборг преку која ќе може да се реализираат проекти од образование, култура, со акцент на зачувување и негување на македонскиот јазик, организација на спортски клубови, играорни групи, клубови за иновации и креативност, решавање на црковното прашање во Стокхолм како и создавање на пријателства меѓу децата.
Прашањето за регулирање т.е признавање на македонското здравствено, социјално и пензиско осигурување наиде на позитивна реакција од страна на амбасадорката. Ова е битен елемент да се олесни добивањето на жителство на граѓаните кои аплицираат за работа исклучиво со македонско државјанство и македонски пасош. Сметаме дека приближувањето кон Европа може многу полесно да се реализира со меѓусебна соработка со земјата домаќин, во конкретниов случај тоа е Шведска. Целта е преку заеднички интегративни процеси, а не одлив на умови, да се возобнови и преструктуира со нови идеи системот во Македонија, а тоа секако ќе има придонес во подобрување на квалитетот и стандардот за животните потреби на македонските граѓани – додава Димеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.