На владина седница ќе се разгледува и прашањето за продолжување на породилното отсуство на мајките бидејќи не можат да ги запишат бебињата во градинки, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес-конференција на која соопшти дека во Македонија до денеска има 354 лица заболени од Ковид-19, од кои 11 се починати.

Тој денеска соопшти дека има 25 новозаразени и една почината 65-годишна жена од Лабуништа со  претходни заболувања – коморбидитети: хронично опструктивна белодробна болест, дијабетес, срцева слабост и обезност.

Позитивен на Ковид-19 е и брисот што е земен пост мортем од пациентката која во неделата наутро почина во болница во Струга. Со тоа, бројот на починати досега е 11.

Граѓаните на кои ќе им помине 14-дневниот карантин нема да се тестираат ако немаат симптоми, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали треба да се тестира оваа група граѓани и кој треба да им издаде потврда дека можат слободно да се движат.

Филипче кажа дека Комисијата за заразни болести го разгледувала ова прашање, по што била донесена одлука дека лицата без симптоми не треба да се тестираат.

Оваа одлука ќе важи за граѓаните кои се во самоизолација во нивните домови, но и за оние кои се сместени во државен карантин“, кажа Филипче.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.