Во првиот дел на истражувањето на новата порталска пропаганда, „Лидер“ објави дека неколку портали синхронизирано објавуваат лажни вести и пропаганда, секогаш во полза на власта и владејачката СДСМ. Се чини, периодов нови сајтови никнаа како печурки, а на социјалните мрежи евидентно е дека истите имаат огромен маркетиншки буџет.

Во првиот дел на истражувањето на „Лидер“ во кое пишуваме за новите портали под контрола на партијата СДСМ, пишувавме за два портали кои се под контрола на лице блиско до генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

Тема на одработка во вториот дел на нашето истражување се порталите кои директно шират лажни вести и пропаганда за СДСМ, а се под контрола на Џабир Мемеди кој во јавноста лажно се претставува како Џабир Дерала.

Џабир Мемеди е долгогодишен невладин активист, јавно инструиран во партиска пропаганда. Тој во јавноста лажно се претставува со презимето „Дерала“ кое до скоро не му беше внесено во официјалните документи, а ја води невладината организација „Цивил“.

Мемеди говореше на митингот на владејачката СДСМ одржан на 17.02.2019 година, а во исто време се претставува како независен експерт за избори, уметник и новинар. Иако на овој митинг тој јавно ја критикуваше македонската опозиција, тој се претставува како непартиско лице.

Овој невладин активист ја води веб страницата cıvılmedıa.mk која е позната по водење на пропаганда и лажни вести во полза на власта. Чудно е како една невладина организација, која вели дека се бори за граѓански слободи, всушност се бори за поддршка на власта и критика на опозицијата. Оваа невладина организација во изминатите години има пријавувано приходи од неколку милиони евра, за кои до ден денес не е познато од каде доаѓаат.

Инаку, колумнист на „Цивил Медиа“ на Дерала е познатиот провладин пропагандист Сашо Орданоски, кој беше дел од шемата на Катица Јанева која сега одговара во случајот Рекет. За Орданоски имаше издадено и безбедносен сертфикат за пристап до државни тајни, за кој се уште не знаеме зошто е издаден.

Покрај контроверзниот Орданоски, во тимот на пропагандистичката „Цивил Медиа“ се и извесните Биљана Јордановска, Маја Ивановска, Дехран Муратов, Дијана Тахири, Ангела Петровска и Ариан Мехмети, а како соработници се наведени Арбен Зеќири и Игор К. Илиевски – никој од нив не е познат на новинарската јавност во земјава.

Никој не знае како овој медиум заработува, гломазната редакција нема наведено ниту една комерцијална реклама, а е водена од непрофитна организација, што отвора јасен сомнеж дека овој пропагандистички портал се финансира од црни пари.

Физичко лице е газда на портал во кој има вработени!

Се чини црните пари се симбол за активистот на СДСМ, Џабир Дерала. Проверката во регистарот на Марнет, покажува дека тој е сопственик на порталот frontlıne.mk кој исто така води брутална пропаганда за власта.

Чудно е како е можно физичко лице да поседува портал во кој има неколку вработени. Во импресумот на Фронтлајн се наведени извесните  Биљана Јордановска, Ивана Терзиевска Зафировска, Јане Ѓорѓиоски, Искра Ежова, Ана Неделковска Стојчевски, Арбен Зеќири, Симона М. Живкова.

Дел од овие лица се поклопуваат со редакцијата на „Цивил Медиа“, а чудно е што на вториот портал на Дерала, исто така нема ниту една комерцијална реклама, што отвора сомнеж дека и овој вебсајт се финансира со црни пари.

Како добиваат плата новинарите на „фронтлајн“ кој не е во сопственост на правно лице, никој не кажува. Дали за својата работа добиваат пари преку други фирми? – што е кривично дело – или на рака што исто така е кривично дело, останува непознато.

Инаку, името на Џабир Дерала (со оригинално презиме Мемеди) се поврзува со неколку скандали, помеѓу кои и оној за земени пари од Агенцијата за медиуми за документарец кој никогаш не беше изготвен – скандал за кој постоеше и судски процес.

Активисти на СДСМ отвораат портали

Џабир не е единствениот активист на владејачката СДСМ кој поседува веб сајтови. Минатата недела „Економски Лидер“ овјави за Јорданчо Миневски кој поседува два сајта кои се дел од пропагандата на власта.

До сега, ниту Миневски, ниту СДСМ не демантираа за оваа медиумска машинерија.

Во третиот и четвртиот дел од истражувањето, Лидер ќе објави за уште неколку портали кои се под контрола на владејачката партија, по што ќе изготвиме фото пајак за пропагандната машинерија на СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.