Се подготвува ли терен за одложување на изборите. Ваков впечаток се создаде од изјавата на премиерот Зоран Заев, кој одоварајќи му на пратеникот Антонио Милошоски за тоа дали е во ред да се поставуваат амбасадори пред избори, му одговори дека „нова влада нема да има ни во април, ни во мај, ни во јуни“.

Ова отвора дилема дали Заев повторно ќе се обиде да ги одложи изборите како што го правеше тоа на двапати додека беше лидер на опозицијата, или пак е убеден дека ќе ги добие изборите и ќе остане на власт.

Во политичките кругови се шпекулира дека овојпат причина за одложување на изборите ќе биде протоколот за членство во НАТО, кој треба да биде ратификуван и од нашиот Парламент откако ќе помине во сите земји-членки на Алијансата.

Претседателот Џафери веќе најави дека Собранието ќе се распушти на 11 февруари, на 60 дена пред изборите кои треба да се одржат на 12 април.

Џафери е дециден дека откако Собранието ќе се распушти, нема законска можност повторно да го свика па дури и за ратификација на таков важен документ и оти тоа ќе биде оставено за следниот парламентарен состав.

Доколку сѐ оди по планот што го договорија партиите на лидерската средба, техничката влада и повлекувањето на Заев треба да се случи на 3 јануари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.