Пратеничката Гордана Силјановска Давкова вечерва упати директна поддршка за двете жени кои влегоа во трка за градоначалничка функција. Таа порача дека е крајно време да добиеме две жени градоначалнички – Данела Арсовска и Наташа Котлар.

Поддршка за Данела и Наташа!
Porca Miseria e 30 години да предавате за женските права како човекови права, во Уставот да гарантирате полова еднаквост, донесете Закон за еднаквост на жените и мажите, да формирате Клуб на пратенички, да воведете родово неутрална квота од 40% во Изборниот законик, да ги инкорпорирате највисоките стандарди на Истанбулската конвенција во Законот за превенција и заштита од дискриминација и да формирате Комисија за спречување и заштита од дискриминација, а да се соочите со суров мачоизам и мизогинија кон жените- политичарки и кандидатките за градоначалнички.

Porca Miseria е да имате десетици и десетици женски невладини организации, десетици и десетици организации за заштита на човековите права, а сеуште да немате: жена -Претседател на држава; жена- претседател на Собрание; жена- Премиер; жена- народна правобранителка; жена – градоначалничка на Скопје.

Porca Miseria е Премиерот и Владата да се најактивни во кампањата за локални избори, премиерот да го отвора секој локален митинг, небаре кандидат за градоначалник, или супер старател на кандидатот, министри да се изјаснуваат за кого ќе гласаат, заборавајќи на поделбата на власта на централна и локална, заборавајќи дека се слуги на народот, а не на партијата!

Porca Miseria e прво да се самопрогласите за „ НАЈДОБРИ“ за градот и општините, а потем да барате подршка од граѓаните.
Porca Miseria e Претседателот на Собранието, при постоење на конвенција за мирување на Собранието во време на локални избори, заради оневозможување на (зло)употребата на говорницата, наместо, да ги претставува сите граѓани, да се обраќа на партиски собири, иако не може да биде носител на партиска функција.

Porca Miseria e да го сатанизирате членот на партијата, оној кој до вчера сте го фалале како еден од најдобрите, иако граѓаните мислат поинаку.

Porca Miseria e да се толерира семејно гласање, да се купуваат гласови, да се врши притисок врз граѓани и кандидати, да се плаќаат ботови.

Porca Miseria е да се има зад себе фабрика за производство на фалби од „политички аналитичари“, спремни да го бранат неодбранливо, од лукративни цели.

Porca Miseria e кога пратеничка, иако дел од централната власт, во улога на партиска ad hoc портпаролка, глуми лоша полицајка, го крши Законот за заштита на лични податоци и мавта по екраните со „бугарска лична карта“ на кандидатката Данела Арсовска, обзнанувајќи дека „ дури“ и нејзиниот сопруг поседува таква. Г-ѓата Петровска ниту е овластен, ниту е кредибилен извор, а најмалку може да биде морален судија. Во прашање е обид за идентификација на „сомнително лице“, небаре Нушиќ е авторот, оти двојното државјанство е дозволено и во македонската и во бугарската легислатива. Јавна тајна е дека министри, пратеници, советници и други политичари имаат државјанство на други држави. Впрочем, СДС предложи измена на Законот за надворешни работи, со која на лица со двојно државјанство им се дозволува да имаат двојно државјанство, што е проблематично решение и речиси непознат правен феномен. Згора, самопрогласената истражна судијка вети нови докази од СДСМ, небаре партијата е јавно обвинителство! Да не говорам за говорот на омраза кон соседна Бугарија, оти Данела, не конкурирала за кмет на Петрич и имала односи со други држави, па дури и била почесна конзулка на Унгарија, што е ептен „сомнителна“ функција! O, tempora, o mores, каква ли сатанизација на соседот, но и на нашите сограѓани со бугарска етничка припадност. Демек, Данела „ не довела “ во зависност од други држави, патем, членки на ЕУ, што значи и од самата ЕУ, чија „ИНСТАЛАЦИЈА“ е. Данела е опасна за Скопје, а опасни се и сите граѓани со бугарски пасоши. Ама оригинален начин на градење добрососедски односи.

Porca Miseria е да почнете тајно да градите Центар за странци во Бардовци, без да ги консултирате граѓаните, а сега, во екот на кампањата, пратеничката Петровска ( во кое својство?) да преговараат и министерот Маричиќ да изјави дека „победиле граѓаните“. Кој е победениот?

Porca Miseria e и по 30 години од т.н „ бугарски летоци“, да подметнувате нови, небаре на „Левица“, насочени против Данела?

Porca Miseria e да влезете во Собранието како партија со етнички , националистички предзнак, а да се себепрогласите во текот на мандатот за зелена партија, како изразито граѓанска, во која индивидуата е најважна, а не етносот. Се разбира, невиден феномен е партија што произлегла од паравоена формација да се декларира како носител на зелена идеологија, оти зелените се заколнати пацифисти. Впрочем, ДУИ не е позната по еколошка свест и проекти. Куршумите во кампањата не се од зеленчук или овошје, а реториката за Тетово како главен град на Албанците, не е авагардна, туку – примордијална и предграѓанска. Од г-динот Али Ахмети, не бива Јошка Фишер.

Porca Miseria е во 2021 година да толерирате ad hominem атак до степен на духовна тортура врз Данела Арсовска, не само од дисциплинирани партиски војници, туку и од инструирани ботови, па и новинари.

Ама, за СРЕЌА, ЛОКАЛНИОТ СВЕТ, СЕПАК СЕ ВРТИ! На овие избори, видов и чув умни кандидатки ( за жал, само 8%!?) и кандидати, одлични познавачи на локалните работи, луѓе со аргументи, знаење и посветеност. Сигурна сум дека овие чекори не можат да запрат. Со измена на Изборниот законик, мора да се создадат рамноправни услови за натпревар на сите политички субјекти, партиски или независни.
На крајот, крајно време е да добиеме ДВЕ ЖЕНИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ, првата, Данела, на СКОПЈЕ, за прв пат во историјата на градот, а втората, НАТАША, на ЦЕНТАР, втора градоначалничка во историјата би била. Зошто? Оти, ЕМ ВИТЕШКИ се бореа, ем останаа ЖЕНСТВЕНИ, ем културни, подготвени и конкретни, внесоа свежина на мислата и духот, смиреност во дијалогот, одговорност на речта, насмевка и убавина во изразот.
Би сакала еден ден да зборуваме за ВРЕМЕТО НА ЖЕНИТЕ и ЖЕНСКИОТ МОДЕЛ на управување, по примерот на ДАНЕЛА И НАТАША – порача Силјановска Давкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.