На Македонија и е потребен почеток на пристапниот процес и повлекување на бугарското вето за продолжување на евроинтеграциите што ќе влијае и на мотивација на општеството во целина за забрзување на реформите. Се чека новата влада во Софија, која ќе ги даде натамошните насоки за надминување на билатералниот спор, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на седница на Националниот совет за евроинтеграции на која беше отворена дебата за Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2021 година. Димитров изјави дека сме земја кандидат веќе 16 години, а првиот позитивен Извештај го добивме пред 12 години и низ имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација имаме солиден степен на подготвеност.

Димитров додаде дека во администрацијата имаме капацитет, кој, како што рече, за жал, е изморен од ова вежбање на трпение.

Мислам дека е очигледно, дека ни треба еден поттик, ни треба почеток на пристапниот процес што ќе влијае и на мотивација на службите, мотивација на државните службеници и воопшто ќе има потенцијал да ја смени комплетната политичка атмосфера во државата – изјави Димитров.

Тој завчера во телевисико гостување порача дека е подобро да не очекуваме добар исход од Советот на ЕУ закажан на 14 декември во насока на деблокада на пристапните преговори, за да не се разочараме, но, нагласи, мора да продолжиме да работиме.

Со оглед на краткиот период, имаме само неколку дена до Советот за општи работи, до ГАК, 14 декември, мислам дека е крајно неодговорно какви било очекувања да создаваме тогаш. Формата, одржувањето на Советот е помалку важна. Ако успееме да дојдеме до едно достоинствено, европско решение, затоа што прашањето почна толку да боли насекаде, што веројатно ќе има волја кај сите, вклучувајќи го и словенечкото претседателство, да се закаже и вонреден ГАК. Не смееме, после целото искуство што го имаме да се врзуваме за датуми. Мислам дека сигналите од Софија упатуваат дека очекуваат некаков процес, во билатералните односи кој чекор по чекор ќе помогне да се затвори прашањето. Кај нив очигледно уште парламентот ќе има улога, такви се најавите – изјави Димитров во разговор за ТВ Клан Македонија.

Според Димитров, сега е важно да се одржи средба со новата влада во Софија, која ќе ги даде натамошните насоки за надминување на билатералниот спор.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, вчера, пред почетокот на Конференцијата на министри за правда ЕУ- Западен Балкан во Брдо, Словенија упати апел Европската Унија што поскоро да донесе одлука за првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија и да ги почнеме преговорите час поскоро за, како што вели, да можеме да дадеме и подобри резултати и поефикасни реформи во брз рок.

Според Маричиќ, настанот во овој формат, каде што работат заедно министрите за правда и внатрешни работи од Западен Балкан и претставниците на Европска Унија, е вистински начин како да се отворат важни прашања и како да се размени искуство меѓу овие два фактори и како полесно да правиме планови за брзи реформи.

Реформите ги правиме за нас, пред сè за нашите граѓани за наш бенефит, но сепак рамката во која треба тие да се одвиваат и побрзо и поефикасно и подобро се преговорите за членство во Европската Унија – изјави меѓу другото Маричиќ во обраќање на двете работни сесии на средбата на министри во Брдо – Крањ.

Тој кажа и дека се надева на овогодишниот декемвриски самит на Советот, на отпочнување на процесот на проширување, со донесување консензуална одлука за отворање на пристапните преговори и одржување на Првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија.

Во Бугарија вчера се конституираше новиот бугарски Парламент, а Никола Минчев од „Продолжуваме со промената“ е избран за претседател законодавниот дом. На седницата се обрати и претседателот на Бугарија Румен Радев кој меѓу другото, се заложи за консензус за бугарската надворешна политика во кој сите институции се повикани да го почитуваат националниот интерес.

Потребен е консензус за сите важни надворешнополитички прашања, особено кога е во прашање бугарскиот идентитет, „како и историјата, културата и правата на нашите сонародници во странство – порача Радев без да ја спомене Република Македонија.

Истата порака тој ја кажа завчера во Стразбур на работни средби со германскиот и со францускиот колега Франк Валтер Штајнмаер и Емануел Макрон на кои меѓу темите била и за европската перспектива на нашата земја.

Идниот мандатар на новата бугарска влада и копретседавач на „Продолжуваме со промената“ која победи на парламентарните избори, Кирил Петков најави дека до крајот на следната недела Бугарија може да има редовна влада. На почетокот на наредната недела се очекува да биде потпишан коалицискиот договор меѓу преговарачите – „Продолжуваме со промената“, БСП, „Има таков народ“ и „Демократска Бугарија“, јави дописникот на МИА од Софија. Слична прогноза на влезот во Народното собрание даде и лидерката на Бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова.

Во интервју за МИА, универзитетскиот професор специјализиран за Балканот, Флоријан Бибер истакнува дека Македонија нема како да попушти на суштински план пред барањата на Бугарија и за надминување на ветото во ЕУ ќе треба некаков симболичен компромис или механизам за Софија да го спаси својот углед. А за таква промена, според него, потребен е пријателски совет од ЕУ земјите до Бугарија дека можеби треба да ги има на ум сите домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор.

Сепак, Бибер, вели дека не гледа јасна причина зошто да верува дека ќе се случи деблокирање на ветото во декември, но дека ништо не е невозможно и ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, со оглед дека Германија, која е најголемиот поддржувач се наоѓа во преодна фаза на владата и останува да се види што ќе направат и другите ЕУ држави во однос на ставот на Бугарија.

Во однос на процесот на проширување на ЕУ, Бибер посочува дека иако не смета дека тој е мртов, со сигурност е во сериозна криза и, дека ја има загубено способноста за промена во регионот, нагласувајќи дека има премногу неизвесности, а сѐ што ЕУ има да понуди е членство, што, според него, не е многу веродостојно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.