Денеска втор круг од локалните избори се одржува во 44 општини, а во прв круг ќе се прегласува на по едно избирачко место во Дебар и Шуто Оризари. Овие се седми локални избори од независноста на Македонија и втори, по ланските парламентарни, кои се одржуваат во време на пандмијата со коронавирусот.
Од 7 до 19 часот полнолетните жители во 44 општини може да го дадат својот глас во вториот круг на локалните избори. Право на глас во општините во кои не беше избран градоначалник во првиот круг имаат 1 353 990 избирачи.
Се гласа на 2481 избирачко место. Меѓу нив се градот Скопје и скопските општини Центар, Карпош, Чаир и Шуто Оризари, а во прв круг градоначалници добија Кисела Вода, Ѓорче Петров, Гази Баба, Бутел и Аеродром. Од поголемите градови денеска гласачите бираат градоначалник во Битола, Гевгелија, Гостивар, Куманово, Охрид, Струга и Тетово. Се гласа и во Арачиново, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Старо Нагоричане, Студеничани, Теарце, Чашка, Чешиново-Облешево и Чучер Сандево.
Повторување на гласањето за градоначалник и за совет има на едно избирачко место во Дебар, а се прегласува и на едно избирачко место во Шуто Оризари за членови на совет. До ова дојде откако Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг.
Денеска не се гласа за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус на гласање односно да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини Државната изборна комисија најави дека ќе ја извести Владата, а дополнително ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.