Деновиве сè повеќе мои гласачи ми пристапуваат и ме известуваат дека се под притисоци и закани во вториот круг да не гласаат за мене, oбјави независниот кандидат и актуелен градоначалник на Дебрца, Зоран Ногачески, преку својот официјален фејсбук-профил.
Ова е таа демократија што ја промовирате секојдневно!?
За ова се боревме!? За ова го потпишавме Кодексот за фер и демократски избори !?
Џабе Ви е се. Граѓаните на Дебрца не се кршливи и плашливи луѓе.
Граѓани на Дебрца, силно Ве охрабрувам, да не подлегнувате на притисоците. Бидете храбри и слободоумни. Вашиот глас е Ваше право и тоа никој неможе да Ви го одземе. Гласајте според Вашето слободно убедување.
И слободно да пријавите било каков обид за поткуп на гласачи.
Да Ве потсетам, согласно член 162 став 1 и 2 од Кривичниот законик давањето и примањето поткуп во врска со остварувањето на избирачкото право е кривично дело за кое се изрекува казна од најмалку 5 години.
И немојте да мислите дека ќе Ве заштити некој. Ако сте заборавиле, нема вечна власт, секоја власт е менлива и минлива.
Да продолжиме храбро и на 31 Октомври заедно да ставиме печат на победата за Дебрца, пишува Ногачески на социјалните мрежи.
Ногачески во претходниот мандат беше кандидат на СДСМ, но неговата партија не го кандидира за овие локални избори. Во Општина Дебрца во вториот круг Ногачески, како независен кандидат се соочува со Игор Крцоски, кандидат на СДСМ.
Според податоците на ДИК актуелниот градоначалник на Дебрца, сега независен кандидат Зоран Ногачески освоил 1.053 гласови или 36,96 % од вкупите гласови, а кандидатот на СДСМ Игор Крцоски освоил 979 гласа или 34,36% од гласовите. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Силјаноски освоил 734 гласови или 25,76 %.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.