Државната комисија за спречување корупција одлучува дали има непотизам кај 29 вработувања помогнати од функционери на СДСМ, 15 вработувања помогнати од функционери на ВМРО-ДПМНЕ и 8 помогнати од функционери на ДУИ, кои се дел од 60-те вработувања за кои веќе се отворени предмети.

Лидери по број на вработени роднини се пратеникот Антонио Милошоски и поранешниот градоначалник на општина Лозово, Орце Цветковски, од ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата се на црната листа на антикорупциската со по четворица вработени. Под истрага се вработувањата на снаата, вујкото и двајцата братучеди на Милошоски, а градоначалникот, пак, се истражува дали помогнал во вработувањето на синот, внукот, внуката и еден братучед.

Зад нив, со по тројца вработени, се пратеничката Мира Стојчевска од СДСМ поради вработувањата на сопругот, синот и братот, пратеникот Александар Кирацовски од СДСМ поради вработувањата на сестрата, дедото и бабата, пратеничката Тања Ковачев од СДСМ кај која ќе се истражуваат вработувањата на сопругот, сестрата и зетот за сестрата, а со три вработувања на листата е и министерот за локална самоуправа Сухејљ Фазлиу од ДУИ поради вработувањата на двете сестри и еден внук.

Од роднините на функционерите најмногу вработувања има во ЕЛЕМ – 8, по пет вработувања има во МВР, во општини и во основни училишта, четири вработувања во АЕК се под лупа на антикоруциската комисија, по три во Основен суд 1 и во УЈП, по две во Централен регистар, ЦРМ Струмица, АД Станбен и деловен простор, ЈП „Водовод и канализација“ и детски градинки, а по едно вработување ќе се истражува во Агенцијата за катастар, во Агенцијата за разузнавање, во Агенцијата за супервизија и осигурување, во Владата, во ДУД „Мирка Гинова“, Здравствен дом – Македонски брод, ЈПВ „Лисиче, Велес, МЕПСО, „Македонски шуми“, РЕК „Битола“, „Телеком“, Министерството за транспорт, ФИТР, Царинската управа, ЦУК и Шумската полиција – Делчево.

Целиот текст прочитајте го на Макфакс



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.