Граѓаните ќе менуваат документи, некои фирми ќе менуваат имиња, некои компании ќе смислуваат нови решенија за нивните производи… Ќе се менуваат имиња на невладини организиции, на државни институции, агенции, на политички партии… Сите на мака, само оние кои го променија името не. Тие остануваат СДСМ. Како што објави Независен, кратеницата СДСМ најверојатно останува. Социјалдемократи на Македонија (СДСМ) или само Социјалдемократски сојуз (СДС) – се двете можни варијанти за името владејачката партија, согласно со новото име на државата чија примена почнува од оваа недела. Не е исклучено веќе на априлските избори за шеф на државата СДСМ да настапи со модификувано име.

Висок партиски функционер во изјава за „Независен весник“ посочува на овие две можности за промена на називот на партијата со седиште на улица „Бихаќска“. Во првиот случај, во називот на партијата би влегло новото име на државата, со додавката „Северна“, а би останала истата кратенка што беше употребувана досега – СДСМ. Во вториот случај, социјалдемократите, како левичарски ориентирана партија, би настапувале без споменување на името на државата во својот назив, како што е случајот со многу други европски социјалистички и социјалдемократски партии, членки на Партијата на европските социјалисти (ПЕС). Лабуристичката партија (ЛП) во Велика Британија, СДП во Германија, СДП во Хрватска, Социјални демократи (СД) во Словенија, Партијата на социјалисти во Франција (ПС)… се дел од членките на ПЕС кои во својот назив го немаат името на државата од која доаѓаат, за разлика, на пример, од Бугарската социјалистичка партија (БСП) или Социјалдемократската партија на Австрија (СПO)… – пишува Независен.

Функционери од СДСМ најавуваат дека промената на партискиот назив би можела да се реализира уште на претстојниот конгрес на СДСМ закажан за 3 март, кога треба да биде официјализирана одлуката за тоа со кој кандидат ќе настапи партијата на шестите претседателски избори..

Што се однесува, пак, до промената на таблите на државните институции, на граничните премини за влез и излез во земјава, како и на дипломатско-конзуларните претставништва во земјава, процесот се најавува дека ќе почне уште во текот на оваа недела. До утре во „Службен весник“ ќе бидат објавени уставните амандмани и Уставниот закон кои стапуваат во сила откако грчката страна ги исполни своите обврски, односно експресно ја помина ратификацијата на Протоколот за членство на Република Македонија во НАТО. Македонија и Грција треба деновиве да го известат генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, дека новото име на нашата земја стапува во официјална употреба и на внатрешен и надворешен план. За тоа треба да бидат информирани и другите меѓународни организации и околу 130 земји што ја признаа Македонија под досегашното уставно име.

Според првичните најави, Владата ќе набави околу илјада табли со различна големина, во зависност од тоа за кој објект или институција станува збор. Набавката ќе ја спроведе Службата за општи и заеднички работи. Не е утврдена сè уште точната сума што ќе биде потребна за промена на таблите, кои, според информациите, сепак, не се поскапи од околу 20 до 30 евра, во зависност од димензиите. Освен што на новите табли ќе стои името Република Македонија, тие ќе бидат на македонски и на албански јазик, согласно новиот Закон за употреба на јазиците, во кој, пак, е предвидена сума од милион и пол евра за спроведување на двојазичноста која предвидува и превод на целата службена документација.

Новото име на државата во иднина ќе треба да фигурира во називите на сите државни институции, па и на оние кои досега во називот ја имаа придавката, како што е, на пример, Македонската академија на науки и уметности (МАНУ). Со оглед на тоа што академиците, од кои голем дел го поддржаа Преспанскиот договор, покажаа отпор кон можноста Академијата да се преименува во Академија на науки и уметности на Македонија, излегоа информации дека се бара друго решение, односно се споменува варијантата Национална академија (НАНУ).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.