Нема да ви сугерирам дали да гласате и за кого да гласате. Нема да ви кажам како ќе постапам јас. Тоа е ваша одлука, почитувани читатели. Еднаш во четири години, само еден ден власта е во ваши раце. Имате шанса да ја доделите на демократски избраните претставници. И секој мора да ја почитува волјата на мнозинството, ако е изразена на демократски начин. Секој мора да живее со својата лична одлука, без оглед дали и како ќе го употреби своето право на глас.
На нецели четири дена пред почетокот на изборниот молк, јас ќе се анализирам кој, всушност, ќе може да се смета за победник на овие локални избори. При тоа, се разбира, нема да избегнам директно да одговорам на прашањето што си го зададов во насловот – значи, ќе се осмелам со вас да споделам и некои свои прогнози и очекувања.
СДСМ нема да триумфира
Веднаш и најдиректно: тврдам дека СДСМ нема да триумфира на овие избори. За да се смета за неприкосновен победник, партијата на Зоран Заев треба да постигне подобар резултат од претходните локални избори од 2017 година, на кои конкурентската ВМРО-ДПМНЕ освои 120 советнички места помалку од СДСМ и само 4 градоначалнички мандати. За да објави победа, пак, СДСМ треба да оствари кумулативен резултат од најмалку 30.000 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ во трката за советничките места и најмалку 35 градоначалнички мандати. Според моето мислење, тоа е тешко остварливо.
Секој друг резултат за СДСМ ќе значи или „нерешено“ или пораз. Јас предвидувам дека на овие локални избори Заев сигурно ќе добие опомена од избирачите, дури и да помине подобро од „црните“ прогнози. Прашање е само дали од судијата во овој натпревар ќе добие остра опомена, жолт или можеби и црвен картон. Што и да се случи, знаеме дека Заев нема да успее да ја прочита пораката од избирачите. Минаа времињата кога тој нè замајуваше со приказните за камшикарот и за метлата што требаше да заигра во неговиот двор. Од него веќе не треба да се очекуваат дури ни такви, празни и лажни, ветувања за промени. Но, за тоа малку подоцна.
Да го поставиме сега и прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски има шанси за победа.
Тоа ќе го видиме веќе на 17 октомври, после првиот круг на изборите, кога ќе биде познат за мене најважниот резултат – исходот од битката за општинските совети. Таа битка партиите ја водат главно сами, без своите коалициски приврзоци, сега и во конкуренција со други партии и со независни кандидати и листи. Според сите прогнози, Левица, на пример, ќе постигне добар резултат во битката за советите. Би се осмелил да кажам дека секој резултат од над 50.000 гласови на контото на Димитар Апасиев би бил рамен на триумф, а има дури и пооптимистички прогнози. Освен тоа, независните кандидати и листи сериозно ќе конкурираат во неколку градови, посебно во Куманово, Скопје, Охрид, Битола и во други.
Како и да е, во ситуација кога секој игра сам, а „картите“ се добро измешани, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и другите поголеми партии, прецизно ќе измерат колку објективно „тежат“ на политичкиот пазар. Тоа мерење ќе се одрази на нивните проекции за претстојните парламентарни избори. Зависно од резултатот на изборите, на пример, ДУИ и другите албански партии ќе се позиционираат за следниот натпревар, проценувајќи ги шансите на двете најголеми македонски партии. И во тоа идно позиционирање на Али Ахмети, на Зијадин Села и на другите, можни се големи изненадувања.
Што е победа за ВМРО-ДПМНЕ?
Како и да е, ако ВМРО-ДПМНЕ добие повеќе гласови од СДСМ во битката за општинските совети – а тоа ќе го знаеме веќе во ноќта од недела кон понеделник! – Христијан Мицкоски ќе може слободно да прогласи победа на изборите. Уверливоста на таа победа, пак, ќе зависи од тоа колку градоначалнички мандати ќе освои опозициската партија и дали ќе успее да го освои Скопје. Ако јас се прашувам, резултат меѓу 20 до 25 градоначалнички мандати (20 со Скопје или 25 без Скопје), ќе ја направи победата за ВМРО-ДПМНЕ многу поуверлива. Сè повеќе од тоа ќе биде рамно на триумф.
Целиот текст на Плусинфо
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.