Денеска и утре во СДСМ се гласа. Ажурираните 69.000 членови избираат нов претседател. Во тесната битка за фотелјата на „Бихаќка“ е само еден кандидат – Зоран Заев. Колку и да сака човек да не се насмее, не може. Непосредните избори во СДСМ се дожививуваат многу сериозно, како врв на демократијата во државата, а неодамна ажурираното членство навистина ќе има тешка задача – да избере еден од еден.
По она што го пишуваат во партиските соопшенија, организацијата е на ниво на парламентарни избори. Ете, велат денес ќе гласале болните, утре здравите.
Па ако е така, и ако веќе толку се соживеале со играта, треба да ги почитуваат правилата до крај. Денес треба да е изборен молк. Сепак, толкаво гласачко тело треба во мир да одлучи кому ќе му го довери својот глас, својата памет.
Но, СДСМ не знае поинаку. На ден изборен молк, ми праќаат порака кое било моето гласачко место. Ниту сум член на партијата, ниту сум била некогаш. Бројов го користам од 2002 година. Се пикаа по домови, се слика, се броеја, се фалеа колку се и се утнаа, вели читателка, која ни ја испрати пораката што ја добила денеска.
Таа кажува дека, исто така, никогаш во животот не живеела во Бутел, каде што треба да гласа.
Акцијата за ажурирање на членството на СДСМ се одвиваше среде пандемија и јавноста остро реагираше. Министрите одеа по домови и бројеа активни членови на партијата во време кога луѓето не смеат дома да ги примат ниту сопствените родители.
Иако првочно пристигнуваа информации дека СДСМ е најголемото социјалдемократско семејство со 80.000 членови, за десетина дена нивниот број спадна на помалку од 70.000. Па ако земеме предвид дека пораки добиваат и луѓе кои никогаш не биле членови на партијата, којзнае колку се. Колку и да се, останува дека несериозно и неодговорно се однесуваат среде здравствена криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.