Првите имиња на кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ ќе бидат познати на 13 јули, информира генералниот секретар на владејачката партија, Љупчо Николовски. На брифингот со повеќе медиуми, Николовски посочи дека партијата завршила со истражувања, анкети и анализи за 20-тина општини, по што се очекува во наредните десетина дена да финишираат постапките во општинските организации, а потоа ќе следи и јавно објавување на кандидатите.

Како што информираше Николовски, објавата на првите 20-тина кандидати е предвидена за 13 јули, по одржување на седница на партиското раководство.

СДСМ во изминатиот период го засили присуството на терен, преку маалски средби и преку граѓански трибини, под слоганот „Најдоброто“. Од партијата велат дека ќе ја креираат најдобрата понуда за секоја општина на овие локални избори.

Николовски на брифингот посочи дека СДСМ очекува тесна соработка со коалициските партнери.

Наши партнери во Владата се ДУИ и ДПА и очекувам на ниво на лидери да се случи средба на која ќе се дефинира принципот на соработка за локалните избори. На кој начин, во кој обем, во кои населени места, во кој круг и слично ќе зависи од договорот. Коалицијата на СДСМ е победник на изборите – порача Николовски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ останала нереформирана партија, посветена само на блокади и опструкции, додека пак СДСМ ја има најдобрата кадровска и програмска понуда.

Имаме над 7.000 проекти од програмите што се реализирани во изминатите четири години. Направивме и споредба на конкретни резултати, десет години мандат на ВМРО-ДПМНЕ и четири години мандат на СДСМ. СДСМ има повеќе направено за четири години отколку ВМРО-ДПМНЕ за единаесет. И такви примери има многу, од плати, до реални проекти, училишта, градинки, патишта, водоводи, канализации. Да не зборуваме за патот по кој чекореше земјава, денеска сме 30-та земја членка на НАТО. Имаме исполнети критериуми за членство во ЕУ и на ред е ЕУ да испорача – изјави Николовски.

Според него, досега има 562 кандидата за градоначалници и 4.530 кандидати за советници, а самиот број покажува дека овој голем интерес е поради тоа што СДСМ е фаворит на изборите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.