Последните акции што ги презеде Министерството за внатрешни работи за разбивање на организирана група која незаконски издавала патни исправи, како и заплената на огромна количина на дрога се доказ за бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупцијата, вели пратеникот Миле Талевски од СДСМ.
Според него, овие две значајни акции каде се уапсени и вработени во МВР се потврда за професионалниот, ефикасен и неселективен пристап на полицијата во спречувањето незаконско дејствување.
Наместо како целата јавност да го поздрави постапувањето на полицијата, од ВМРО-ДПМНЕ повторно видовме обиди за одбрана на криминалот и криминалците.
Додека траеше сложена полициска операција „Двојник“ ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се обидоа да ја саботираат акцијата преку пласирање на информации во јавноста додека таа се уште траеше.
Откако не им успеа обидот за саботажа, од белиот дворец продолжија да шират лажни вести и дезинформации за акцијата со што свесно и неодговорно ја загрозуваат натамошната истрага.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски идентично се однесуваа и за акцијата во соработка со нашиот партнер САД и нивната ДЕА, каде беше запленета голем количина марихуана.
Повторно лажни вести, повторно конструкции и повторно неосновани напади кон МВР и полицијата, рече Талевски во изјава за медиумите.
Очигледно е, додава тој, дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо тоа што законите денес важат за сите подеднакво, тоа што денес никој не е над правдата и секој одговара за сторените криминали.
Тоа, не беше случај во времето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста памети како во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ја заташкаа аферата во која пасоши се печатеа во приватни домови.
Јавноста многу добро памети и како синот на Трајко Вељановски беше ослободен откако беше фатен со дрога на границата со Грција.
Денес, вакви скандали се незамисливи, напротив, денес се постапува против секое прекршување на законите, без разлика кој се е вмешан.
Денес, институциите се посветени на силна, неселективна и бескомпромисна борба против секаков вид криминал и корупција. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат да се обидуваат колку сакаат но нема да ги одбранат криминалците и криминалот. Денес, секој одговара за своите дела, соопшти пратеникот од СДСМ Талевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.